Во 2020 година е достигнат нов негативен рекорд во поништувањето на тендерите и вкупно на ниво на цела година се поништени 6 727 тендери, што е удел од дури 33 % од вкупно објавените огласи за јавни набавки
Секој трет тендер распишан од јавна институција се поништува, и тоа најмногу поради немање понуди или поради неприфатливи понуди, покажал мониторингот на јавните набавки јули-декември 2020 спроведен од Центарот за граѓански комуникации. Во извештајот се наведува дека поништувањата на тендерите стигнале до 33 %, што е највисоко ниво во последните неколку години, а во пораст е отфрлањето на понудите на фирмите поради проблеми со документацијата или со понудените предмети на набавка.
„Контролирани се само 1 % од тендерите во земјава и во секој петти контролиран тендер се пронајдени неправилности. Конкуренцијата кај локалните тендери останува значително пониска отколку кај тендерите на институциите на национално ниво. Во жалбената постапка се намалува уделот на уважени жалби од фирмите, а расте уделот на одбиени жалби“,
соопшти Центарот за граѓански комуникации.

Во извештајот од ЦГК се наведува дека во второто полугодие од 2020 година, целосно или делумно се поништени дури
4 112 тендери, што е 39 % од објавените огласи. За споредба, во истиот период претходната година (јули-декември 2019 г.) биле поништени 27 % од тендерите, што е за 12 процентни поени помалку. Како резултат на овој негативен тренд, особено нагласен во второто полугодие, во 2020 година е достигнат нов негативен рекорд во поништувањето на тендерите и вкупно на ниво на цела година се поништени 6 727 тендери, што е удел од дури 33 % од вкупно објавените огласи за јавни набавки, пишува во извештајот од мониторингот. Од ЦГК велат потенцираат дека нешто помалку од две третини од донесените одлуки (4 218) се однесувале на целосно поништување на тендерите, а нешто повеќе од една третина (2 509) на поништување на дел од тендерот.

На ниво на институции, најголем број поништени тендери има АД Електрани, дури 331 тендер, што е удел од 59 % од вкупно огласените тендери, наведуваат во извештајот на Центарот за граѓанки комуникации. На второ место е Министерството за одбрана, со делумно или целосно поништување на 67 % од тендерите на трето место е ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“ Скопје, која има поголем број објавени известувања за поништување на тендерите (174) отколку објавени огласи за јавни набавки (169). Разликата укажува дека се поништени тендери огласени и во претходната година, а не само од 2020 година, но секако тоа не го намалува негативниот тренд, кој е загрижувачки, заклучуваат од организацијата.

Од анкетата спроведена на компаниите кои учествувале на тендерите, проблем број еден во јавните набавки за 77 % од фирмите е „најниската цена“ како критериум за избор на најповолната понуда. Дури 60 % од фирмите, пак, сметаат дека тендерот е претходно договорен.
„47 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. 47 % од фирмите не се жалат на тендерите поради недоверба во Државната комисија за жалби по јавни набавки.Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани. Доминантни 60 % од фирмите велат дека корона-кризата влијаела негативно врз нивното учество на тендерите“,
потенцираат од Центарот за граѓански комуникации.

Во насока на намалување на поништувањата, од Центарот за граѓански комуникации препорачуваат институциите почесто да спроведуваат претходна проверка на пазарот преку т.н. технички дијалог со фирмите, во согласност со член 76 од Законот за јавни набавки.
„Ова значи дека пред да се објави огласот за јавна набавка, тендерската документација треба да им се даде на увид на потенцијалните понудувачи преку ЕСЈН и од нив да се добијат соодветни коментари и забелешки. Спроведувањето на техничкиот дијалог има смисла само доколку институцијата која го спроведува е навистина подготвена да ги слушне потенцијалните понудувачи и да ги имплементира нивните конструктивни забелешки и предлози. Само на овој начин ќе се овозможи навремена корекција на одредени пропусти во тендерската документација и нејзино подобрување во насока на
се наведува во препораките.
успешно спроведување на постапките“,