Две излезни анкети предвидуваат дека Д66 ќе освои 27 места во Долниот дом на парламентот со 150 места, пред крајнодесничарската Партија за слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс со освоени 25 пратенички мандати
Центристичката либерална партија Д66 (D66) е на пат да победи на парламентарните избори во Холандија, покажуваат излезните анкети, пренесуваат светските медиуми.

Доколку се потврдат овие прогнози, победата на Д66 над крајната десница ќе му го отвори патот на нејзиниот енергичен лидер Роб Јетен да стане најмладиот премиер на Холандија, кој отворено се декларира како хомосексуалец.
Две излезни анкети предвидуваат дека Д66 ќе освои 27 места во Долниот дом на парламентот со 150 места, пред крајнодесничарската Партија за слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс со освоени 25 пратенички мандати.
Инаку, како што пренесе ХРТ, анкетите имаат маргина на грешка до три процентни поени.
На прославата на изборната ноќ на Д66 можеа да се слушнат скандирања „Да, можеме“, додека насобраните поддржувачи мавтаа со холандски знамиња.
„Се надевавме на поинаков резултат. Порешителни сме од кога било досега“,
напиша лидерот на крајната десница, Герт Вилдерс во објава на социјалните мрежи.
Триесет и осумгодишниот Роб Јетен имаше на пораст на популарноста во текот на изминатиот месец, додека водеше кампања со позитивна порака ветувајќи крај на политичката ера на Вилдерс.
Според прогнозите на медиумите, краткотрајното владеење на националистичката, антиимиграциска партија на Вилдерс веројатно ќе заврши, бидејќи главните партии и од левицата и до десницата ја отфрлија можноста за евентуална коалиција со ПВВ.
Имајќи предвид дека за формирање владина коалиција во холандскиот парламент се потребни 76 пратеници, во конкретниот случај, според анализите, за тоа ќе треба коалиција од најмалку четири партии.
Едното сценарио е коалиција што ги вклучува Д66, конзервативните христијански демократи (ЦДА), централно-десничарската ВВД и Зелено-лабуристичката партија.
Но, ако се земе предвид дека градењето стабилни коалиции е тешко, се очекува преговорите да траат со месеци.
Инаку, изборите во Холандија се сметаа за тест за тоа дали крајната десница може да го прошири своето влијание или го достигнала својот врв во делови од Европа. Исходот би можел да сугерира дека постојат граници на нејзината привлечност.
Вилдерс, познат по својот антиисламски став, извојува шокантна победа на изборите во 2023 година. Неговата партија влезе во владата за првпат, но тој ја напушти својата десничарска коалиција во јуни за да предизвика нови избори откако партнерите го отфрлија неговиот план за имиграција од 10 точки.
