„Јас ќе го нотирам тоа во првата недела од мојот мандат и ќе ги извадам сите тие градежни дозволи што се дадени и што се во процес. Бидејќи целиот тој систем мора да биде транспарентен, мора да знаат граѓаните дали нивниот комшија ја дал куќата за да се изгради зграда и да се во тек“, вели кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар

Информациите со кои располагам се оти во Општина Центар во моментов 80 објекти чекаат да добијат дозвола за градба – изјави повторно кандидатот од редовите на ЗНАМ за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ. Тој во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 побара одговори од актуелниот градоначалник и негов противкандидат во вториот круг Горан Герасимовски за тоа дали е точно дека ги замолува инвеститорите да не почнувааат градежни активности во периодот пред изборите и оти имаат мапирано 300 градежни локации што претставува брутална бетонизација на централното градско подрачје.
Герасимовски, пак, во одделно интервју во истата емисија, рече дека министри од ЗНАМ шират невистини и дека во изминатите шест месеци се издадени 34 одобренија за градба, а осум случаи чекаат одобрување.
„Јас ќе го нотирам тоа во првата недела од мојот мандат и ќе ги извадам сите тие градежни дозволи што се дадени и што се во процес. Бидејќи целиот тој систем мора да биде транспарентен, мора да знаат граѓаните дали нивниот комшија ја дал куќата за да се изгради зграда и да се во тек“,
кажа Лабудовиќ.
На прашањето што реално може да се смени во делот за урбанизам во Општина Центар, Лабудовиќ вели оти се работи по стари урбанистички планови кои се донесени на непопуларен начин во 2012 година и дека за да се стопира брутализацијата и агресивниот пристап во градењето, ќе треба да се пристапи кон промена и носење на нови урбанистички планови. На новинарска забелешка дека таков обид имало во минатото и оти еден мандат на претходен градоначалник беше потрошен со мораториуми, а резултатот не беше позитивен, Лабудовиќ вели дека со промената на урбанистичките планови може да се стопира грабда на одредени локации и со тоа да се зачува јавното добро, но и оти има одредени кои веќе се стекнале со право на градба и оти во тој случај нема назад.

Лабудовиќ: Меѓутоа, во иднина можеме да ги стопираме сите тие процеси и да не биде толку брутално. Центарот на градот мора да се развива. Имаме случаи каде што во центарот сè уште имаме септички јами. Што не е во ред. Тој дел треба да се урбанизира.
360°: Тоа е различно од ова другото за што зборуваме.
Лабудовиќ: Да, меѓутоа не може да оставите септичка јама и извор на зараза во најстрогиот центар на градот. Тоа мора да се урбанизира на соодветен начин, со добра анализа на кој начин ќе се реализира. Вие не можете на една тесна уличка да изградите 50 згради, да ви се допираат балконите и сите да бидат среќни. Апсолутно, никој не е среќен од тој случај.
