Овој извештај на Центарот за граѓански комуникации е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година
Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Извештајот за јавните набавки за заштита од ковид-19, изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.
Мониторингот детектирал осум клучни забелешки:
-Јавните набавки поврзани со ковид-19 и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција;
– Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција;
–Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи;
– И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %;
-При набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција;
–Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас;
–Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција;
–Како јавни набавки за ковид се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со кризата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.
Во Козле тест за 119 денари, во ЦЈЗ Прилеп за 420 денари
Во Извештајот на ЦГК има неколку примери кои ја илустрираат забелешката дека има големи разлики во цените за исти производи набавени во ист временски период.
Таков е примерот со набавката на брзи тестови за детекција на антиген на SARS-COV-2. Така, една институција определила проценета вредност од 708 000 денари со ДДВ за 1 100 тестови, односно дури 644 денари за еден тест. Почетно, на тендерот имало шест понуди, од кои четири биле елиминирани во фазата на евалуација, а преостанатите два понудувачи не учествувале на електронската аукција и тендерот завршил со понуда од 472 денари за еден тест.

Друга институција, пак, исто така за набавка на брзи тестови за детекција на антиген на SARS-COV-2, во случајов 1 000 теста, определила проценета вредност од 590 денари со ДДВ. Ова значи дека институцијата планирала дека еден тест ќе ја чини 590 денари, што е речиси двојно повисока цена од малопродажната цена на еден ваков тест во која било аптека, во времето на набавка. На крајот, на истиот тој тендер, поради повисоката конкуренција, постигната е крајна цена од 119 денари за еден тест.
Во трет пример, за набавка на 1 500 вакви тестови била планирана сума од 525 денари со ДДВ, односно по 350 денари за еден тест. Имало девет понуди, од кои четири биле отфрлени, а по електронската аукција на преостанатите понуди што останале во игра, била постигната крајна цена од 141 денар за еден тест.
„Во мониторираниот примерок за набавка на брзи антигенски тестови, сите три институции коишто набавиле вакви тестови имаат слични количини, но разликата во цените за еден тест изнесува два и пол пати. Во сите случаи, проценетата вредност е определена на значително повисоко ниво од реално постигнатата цена на пазарот. Во еден случај таа е дури 4 пати повисока од постигнатат цена на тендерот“,
се констатира во Извештајот.
Слична е состојбата и со споредбата на цените на двата можеби најнабавувани производи во текот на цела корона-криза, а тоа се заштитните медицински маски за еднократна употреба и респираторните маски N95.
И овде, како и кај брзите тестови за ковид-19, Извештајот на ЦГК покажува дека постојат големи разлики во цените, дури не земајќи ја предвид највисоката цена постигната за набавка на само 120 маски. На пример, ако се земат двата тендера во кои се купени по 13 000 маски N95, разликата во цената меѓу нив изнесува дури трипати, односно на едниот тендер е постигната цена за една маска која е за 195 % повисока од цената постигната на другиот тендер.


„И овде може да се заклучи дека колку што е поголем бројот на понуди, толку се пониски цените што се постигнуваат на тендерите. И овде, исто така, проценетите вредности се определуваат на значително повисоко ниво од цените постигнати на тендерите. Во еден случај проценетата вредност на тендерот е 13 пати повисока од реално постигнатата цена“,
се вели во Извештајот.
И кога станува збор за набавките на хируршки маски, разликите во цените се огромни, повторно не сметајќи ја највисоката постигната цена за набавка на само 1 000 маски. Разликата меѓу најниската и највисоката цена е дури 500 %, а проценетата вредност на една набавка е за 17 пати повисока од реално постигната цена на тендерот.


Возило, компјутери, обрасци
Според истражувањето, како јавни набавки за ковид-19 се купувани производи што не можат да се доведат во врска со пандемијата. Пример за тоа е службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.
„Овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 проценти од сите тендери за ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 отсто од вредноста на сите тендери за ковид во анализираниот период (4,1 милион евра)“,
се додава во изештајот.