Владата анализира какви мерки треба да се преземат за намалување на ценовниот шок, ССМ предупредува дека тоа мора да се направи што побрзо бидејќи секое одложувањето е дополнителен удар за буџетот на секое семејство, особено ако се има предвид дека со распишувањето на изборите, ќе нема можност за институционална акција
Државната статистика бележи драстична разлика на цените на свежиот зеленчук и на овошјето во споредба со лани. Според официјалните податоци, зголемената инфлација најмногу се рефлектира врз скокот на цените на храната, особено на сезонските производи. Свежите домати, пиперките, јаболката и праските од стандардно мени на македонската трпеза стануваат секојдневен луксуз. Само зеленчукот за година дена е поскап за 46%. Цената на овошјето е зголемена за над 20% споредено со лани.
Цени и годишен раст кај зеленчук и овошје
Категорија | Процентуален раст (годишно) | Производи со највисок раст |
---|---|---|
Зеленчук | 46% | Домати, пиперки, компир |
Овошје | 20–22% | Јаболка, праски, лубеница |
Земјоделски производи (вкупно) | 18% | Сезонски овошје и зеленчук |
Телевизија Телма објави дека во Владата се разгледува ситуацијата, но на повидок нема мерки кои би го зауздале ценовниот галоп. Премиерот Мицкоски и министерот за економија Дурмиши имале средба на која била правена анализа за начинот на кој треба да се пристапи кон овој проблем, со ограничување на маржите, со нова (есенска) потрошувачка кошничка.
Исход или временска одредница во која ќе биде применет некој од моделите за кои било разговарано нема, иако премиерот Мицкоски повеќе пати најавувува дека тоа многу скоро ќе се случи. Нова средба е закажана за кон крајот на месецот иако Синдикатите се загрижени и бараат итна акција предупредувајќи дека секое одложувањето е дополнителен удар за буџетот на секое семејство.
Со оглед на тоа што на почетокот на август треба да почне официјалната изборна кампања за локалните избори, од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) повеќепати предупредија дека мерките мора да се донесат сега, бидејќи со распишувањето на изборите, секоја институционална акција ќе се стави на пауза.

Растот на инфлацијата ги турка цените нагоре
Во својот последен извештај, Државниот завод за статистика измери зголемување на трошоците на живот во јуни за 4,5 отсто во однос на истиот месец лани. Освен храната најголемо поскапување се бележи кај безалкохолните пијалоци и услугите. Индексот на цените на мало во јуни пораснал за 3,7% на годишно ниво.
Стапка на инфлација
Месец | Годишна инфлација | Храна и пијалок | Ресторани и хотели |
---|---|---|---|
Мај | 3,3% | 4,9% | 7,8% |
Јуни | 4,5% | 6,3% | 7,6% |
Владата, пак, има план годината да ја заврши со значително пониска стапка на инфлација – 2,8 проценти. Oттаму сметаат дека ќе успеат да ја премостат големата разлика меѓу актуелните цени и проектираната стапка, без оглед на фактот дека и натаму нема конкретни мерки.