Една петтина од електричната енергија во Европа се произведува од електрани на гас, така што намалувањето на снабдувањето неизбежно води до повисоки цени на електричната енергија, бидејќи Русија го намали снабдувањето со природен гас за континентот
Цените на струјата во Европа се искачија на ниво на нови рекорди, најавувајќи тешка зима, како резултат на руската инвазија на Украина која предизвикува економски проблеми на целиот континент.
Договорот за електрична енергија за годинатата што следува во Германија достигна 995 евра за мегават час, а францускиот еквивалент надмина 1 100 евра – што е повеќе од десеткратно зголемување во двете земји од минатата година.

Во Британија, енергетскиот регулатор „Офгем“ рече дека речиси ќе ги удвои маргиналните цени на електричната енергија и гасот од 1 октомври на просечни 3 549 фунти (4 197 долари) годишно.
„Офгем“ го припиша зголемувањето на порастот на глобалните големопродажни цени на гасот по укинувањето на ограничувањата за ковид и намалувањето на руските испораки.
Цените на енергијата пораснаа во Европа, бидејќи Русија го намали снабдувањето со природен гас за континентот, а стравувањата од натамошни кратења на снабдувањето се зголемуваат пред зимата во услови на тензии меѓу Москва и Западот.
Една петтина од електричната енергија во Европа се произведува од електрани на гас, така што намалувањето на снабдувањето неизбежно води до повисоки цени на електричната енергија.

Цените на европскиот природен гас достигнаа 341 евра замегават час, што е блиску до историскиот максимум од 345 евра постигнат во март.
Но, војната не е единствениот виновник за ова во Франција, коментира Франс-прес и посочува дека исклучувањето на неколку нуклеарни реактори поради проблеми со корозија придонесе за скок на цената на електричната енергија во Франција, бидејќи производството на електрична енергија во земјата нагло падна.
Само 24 од 56-те реактори со кои управува енергетскиот гигант ЕДФ работеле во четвртокот.
Франција, која традиционално извозник на електрична енергија, сега е увозник.
„Зимата ќе биде тежок период за сите земји во Европа. Цените ќе останат високи и може да продолжат да растат“,
изјави за АФП Џовани Сгаравати, научен соработник во тинк-тенкот „Бригл“ во Брисел.
Кампањи за заштеда на енергија
Студијата на „Бригл“ покажа дека земјите од Европската унија издвоиле 236 милијарди евра од септември 2021 година до август 2022 година за да ги заштитат домаќинствата и бизнисите од зголемувањето на цените на енергијата. Во последните недели, земјите најавија кампањи за заштеда на енергија за да го поттикнат населението да ја намали потрошувачката во зима.
Германија веќе најави дека оваа зима температурата во јавните административни згради ќе биде ограничена на 19 степени и ќе престане топлата вода. Германските мерки вклучуваат и забрана за греење на приватните базени во период од шест месеци, која стапува на сила од септември.

Финска ги охрабрува своите граѓани да ги подесат термостатите на пониска температура, да се тушираат пократко и да поминуваат помалку време во сауни, што е национална традиција.
Француските домаќинства во моментов се заштитени со ограничување на цените на енергијата до 31 декември. Но, индустријата е погодена и од поскапувањето на енергијата. Фабриките кои произведуваат амонијак – состојка на ѓубриво – најавија затворање во Полска, Италија, Унгарија и Норвешка оваа недела.
Банката ХСБЦ предупреди дека „рецесија во еврозоната е неизбежна“, при што економијата се намалува во четвртиот квартал и првите три месеци од 2023 година.
Во обид да се зауздаат цените на енергијата, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и чешкиот премиер Петр Фијала се согласија Чешката Република, која претседава со ЕУ, да свика итен итен состанок на министрите за енергетика на земјите-членки што е можно поскоро.