Американскиот претседател Доналд Трамп сугерира дека би сакал да ја преземе контролата врз иранската нафта и дека американските сили би можеле да го заземат островот Харг – клучниот центар за извозот на нафта од Иран
Цената на нафтата се искачи на над 115 долари за барел при отворањето на берзите во Азија, додека продолжуваат воздушните напади во земјите од Блискиот Исток.

Како што пренесува Би-би-си, цената на суровата нафта од типот „брент“ е 115,84 долари, што е зголемување од 2,9 отсто во споредба со цената од петокот.
Пред 28 февруари, цената на таа нафта за барел беше околу 72 долари.
Минатата недела, цената на нафтата од типот „брент“ го достигна својот врв од 118 долари за барел, а од петокот попладне падна нешто под 112 долари, што е значително повисоко во споредба со цената пред почетокот на нападите врз Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Фајненшл тајмс“ објавено синоќа сугерираше дека би сакал да ја преземе контролата врз иранската нафта и дека американските сили би можеле да го заземат островот Харг – клучниот центар за извозот на нафта од Иран.
Тој го спореди потенцијалниот потег со амбициите на САД да ја контролираат нафтената индустрија на Венецуела по апсењето на нејзиниот лидер Николас Мадуро во јануари годинава.
Кон средината на март годинава, САД ги таргетираа воените објекти на островот Харг, а американската Централна команда соопшти дека биле погодени над 90 цели, вклучувајќи складишта на поморски мини, бункери за складирање ракети и повеќе други воени локации.
