Цената на суровата нафта е зголемена за 40 отсто од почетокот на конфликтот во Иран

Цените на нафтата повторно пораснаа поради растечките загрижености за недостиг откако САД во саботата го нападнаа островот Харг, кој служи како терминал за речиси целиот ирански извоз на нафта, а американскиот претседател Доналд Трамп ги повика сојузниците да помогнат во повторното отворање на Ормускиот Теснец.
Новиот бран насилство на Блискиот Исток дополнително ги вознемири глобалните енергетски пазари, а цената на барел нафта од типот „брент“, која служи како меѓународна референтна вредност, денеска се зголеми за 1,8 проценти, на 104,98 долари за барел, пишува „Гардијан“.
Цената на суровата нафта е зголемена за 40 отсто од почетокот на конфликтот во Иран.
Харг, корален остров долг осум километри во Персискиот Залив, на 43 километри од копното, е клучен центар за рафинирање на нафта во Иран, преку кој се управува со 90 проценти од извозот на нафта во земјата.
Трамп рече дека избегнал напади врз нафтената и енергетската инфраструктура на островот и дека биле погодени само воени цели.
За нешто повеќе од една недела од затворањето на Ормускиот Теснец, повеќе од 12 милиони барели нафтен еквивалент дневно се исклучени од употреба, според податоците на независната истражувачка фирма „Ристад енерџи“ (Rystad Energy).
Минатата недела нафтата достигна речиси 120 долари за барел пред да се смири близу 100 долари и тоа беше за прв пат од руската инвазија на Украина пред четири години.
Трамп додаде дека САД ќе се координираат со другите земји во регионот за да го вратат протокот на нафта, „за сè да оди брзо, непречено и добро“.
Минатата недела, Соединетите Американски Држави (САД) издадоа 30-дневна дозвола за купување руска сурова нафта и нафтени деривати што во моментов се на море, што, според американскиот секретар за финансии Скот Бесент, е чекор кон стабилизирање на глобалните енергетски пазари погодени од војната со Иран.
