Војната веќе доведе до речиси целосен застој на бродскиот транспорт во Ормускиот теснец, клучната поморска рута за снабдување со енергенси. Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Каби, во петокот за „Фајненшл тајмс“ изјави дека цените на суровата нафта би можеле да достигнат 150 долари за барел во наредните недели ако танкерите за нафта не можат да поминат низ теснецот
Цените на американската сурова нафта го забележаа најголемиот неделен раст досега, поттикнати од ескалацијата на војната на Блискиот Исток, која предизвика огромни прекини во глобалните снабдувања со гориво.

Порастот на цените се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп побара безусловно предавање на Иран, зголемувајќи ги стравувањата од продолжен конфликт што би можел да предизвика хаос на глобалните пазари на нафта и гас, објави Си-eн-би-си.
Фјучерсите (договорите за идно купување) на американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) пораснаа за 12,21 проценти, или 9,89 долари, и достигнаа 90,90 долари за барел. Глобалниот референтен бренд на суровата нафта од типот Брент поскапе за 8,52 проценти, или 7,28 долари, и достигнаа 92,69 долари за барел.
Американската сурова нафта поскапе за 35,63 проценти изминатата недела, што е најголем раст откако започна тргувањето со фјучерси во 1983 година. Цаната на суровата нафта од типот Брент, пак, се зголеми за околу 28 проценти, што е најголем неделен раст од април 2020 година.
Војната веќе доведе до речиси целосен застој на бродскиот транспорт во Ормускиот теснец, клучната поморска рута за снабдување со енергенси. Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Каби, во петокот за „Фајненшл тајмс“ изјави дека цените на суровата нафта би можеле да достигнат 150 долари за барел во наредните недели ако танкерите за нафта не можат да поминат низ теснецот.
Тој предупреди дека таквото сценарио би можело да ги урне светските економии.
Администрацијата на Трамп во петокот објави програма за осигурување од 20 милијарди долари за танкерите за нафта во Персискиот Залив, но мерката малку направи за да го смири пазарот на сурова нафта.
Ирак објави дека го намалил производството за 1,5 милиони барели дневно, а Кувајт, исто така, започна со намалување на производството откако снемал простор за складирање.
„Пазарот се префрла од проценка на чисто геополитички ризик кон соочување со опипливи оперативни нарушувања“,
оценува Наташа Канева, раководител на истражувањето на глобалните пазари во „ЏиПи Морган“.
Канева додаде дека намалувањето на производството би можело да достигне 6 милиони барели дневно до крајот на следната недела ако теснецот не се отвори за сообраќај.
