Аналитичарите предупредуваат дека ако блокадата на Ормутскиот Теснец трае до крајот на март, би можеле да видиме рекордни цени на нафтата над 150 долари за барел
Цените на нафтата скокнаа над 100 долари за барел. Ова се случува првпат по четири години, односно откако Русија ја нападна Украина во 2022 година. Експертите толкуваат дека последните случувања со нападите на САД и Израел врз Иран можат да значат и продолжени ограничувања на протокот на нафта од Блискиот Исток.

Во текот на викендот, САД и Израел започнаа нови бранови воздушни напади низ Иран, погодувајќи бројни цели, вклучувајќи и нафтени депоа.
Големите прекини во снабдувањето со енергија од овој регион создаваат закана за зголемување на цените за потрошувачите и компаниите низ целиот свет.
Суровата нафта Брент достигна 101,19 долари за барел кратко време по продолжувањето на тргувањето на Чикашката стоковна берза, што е зголемување за 9,2 отсто од просечната цена на затворање од 92,69 долари во петокот.
Суровата нафта Западен Тексас Интермедијар се тргуваше по 107,06 долари за барел, што е зголемување за 16,2 отсто од петокот.
Минатата недела цените на суровата нафта во САД пораснаа за 36 отсто, додека суровата нафта Брент, репер за Европа, порасна за 28 проценти.
Ормутскиот Теснец под блокада
Околу 15 милиони барели сурова нафта, односно околу 20 отсто од глобалното производство, обично минуваат низ Ормутскиот Теснец секој ден, според податоците од независната истражувачка фирма „Ристад Енерџи“. Но, заканата од ирански ракетни и беспилотни летала речиси целосно го запре сообраќајот на танкери низ водниот пат.
Ирак, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати го намалија производството бидејќи нивните резервоари за нафта се полнат додека се борат да извезат сурова нафта.
Аналитичарите предупредуваат дека ако блокадата на теснецот трае до крајот на март, би можеле да видиме рекордни цени на нафтата над 150 долари за барел.
Растечките цени на нафтата би можеле да ја зголемат и цената на дериватите, како што се горивото за авиони и виталните суровини за вештачки ѓубрива.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека воената кампања предводена од САД и Израел против Иран ќе има само краткорочни ефекти врз цените на нафтата и гасот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, вели дека краткорочните зголемувања на цените се мала цена што треба да се плати за отстранување на иранската нуклеарна закана.
Последниот пат кога американската сурова нафта се тргуваше над 100 долари за барел беше на 30 јуни 2022 година, кога достигна 105,76 долари. За Брент, ова последен пат се случи на 29 јули 2022 година, кога изнесуваше 104 долари.
Во САД, цената на галон обичен бензин достигна 3,45 долари, или 47 центи повеќе од претходната недела. Дизел-горивото се продава за 4,60 долари за галон.
