Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Не прејудицирам дека тука има шпекулации, но сакам да кажам дека за кое било такво прашање сме подготвени да разговараме, зашто медиумски укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството не помагаат во економијата, вели Бесими
Цената на белиот леб е 33 денари и тука нема поскапувања. Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во врска со најавите дека ќе има поскапување на лебот.
„Најавите од мелничката индустрија ги прочитав. Но, треба да споредиме едноставно, за тоа не треба да сме економисти. Дали откупната цена на пченицата во однос на лани е поскапа? Според информациите од Министерството за земјоделство, не. Дали електричната енергија е поскапа? Според информациите што ги имаме, не. Што во меѓувреме се случило за да најават поскапување на лебот?“,
рече Бесими објаснувајќи зошто не треба да се зголеми цената на белиот леб.
Тој најави дека ќе се разговара со нив и ќе излезат во пресрет на секоја ситуација во однос на она што може да влијае од аспект на ценовната криза. Сите ние, ресорните министри, рече Бесими, ќе разговараме со нив и во секоја фаза сме подготвени да реагираме со мерки.
Министерот уште еднаш напомена дека Владата е подготвена да разговара за секое прашање.
„Секој си носи дел од својата одговорност. Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Не прејудицирам дека тука има шпекулации, но сакам да кажам дека за кое било такво прашање сме подготвени да разговараме, зашто медиумски укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството не помагаат во економијата, туку дополнително создаваат очекувања за зголемување на трошоците“,
рече Бесими.
На прашањето дали се размислува за нови дополнителни мерки за граѓаните затоа што секојдневно има зголемување на цените на основните производи, Бесими рече дека со носењето на буџетот за оваа година биле предвидени 225 милиони евра за антикризни мерки.
„Мерките се за најранливите категории и таму каде што има потреба ќе поддржиме. Таа поддршка продолжи за цената на електрична енергија за домаќинствата. Дополнително има средства кои доколку има потреба ќе се користат“,
рече Бесими.