ВМРО-ДПМНЕ предизборно, а сега СДСМ постизборно подготвува статутарни измени, кои ќе значат воведување непосредни избори за челните позиции во партијата, наместо досегашните изборни конгреси
СДСМ ќе го менува партискиот Статут, така што за избор на партиски лидер во иднина, наместо делегати на конгрес, ќе одлучува целото членство, кое ќе гласа на непосредни избори, најави денеска претседателот на социјалдемократите, Зоран Заев.
Промената на Статутот ќе се случи на отчетен конгрес кој ќе се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври, согласно процедурите на СДСМ кои предвидуваат конгрес за гласање доверба на раководството по парламентарни избори, а во зависност од изборниот резултат. Од тој аспект, извесно е дека актуелното раководство на СДСМ, на чело со Заев, ќе добие доверба да продолжи да ја води партијата до редовниот изборен конгрес.
„СДСМ ќе воведе непосредни избори за избор на својот претседател односно некаде во април идната година ќе гласаме сите членови на СДСМ на непосредни избори за избор на претседател“,
изјави Заев чиј втор мандат како претседател на партијата истекува во мај 2021.
Ова е една од двете значајни статутарни промени. Другата е што ќе се овозможи генералниот секретар да биде дел од извршната власт. Во случајот тоа е Љупчо Николовски, чиј мандат исто така истекува со на тој со Заев.
„Љупчо Николовски како генерален секретар на партијата не презеде одговорност за министерство без ресор затоа што е генерален секретар на партијата и презеде координативна функција, а тоа е потпретседател на Владата што ги координира ресорите во извршната власт“,
рече Заев.
Со оглед на тоа што Заев како лидер на СДСМ обезбеди континуитет на владеењето на СДСМ и по годинашниве избори и се врати на премиерското место, и од оваа временска дистанца од десетина месеци, се чини извесен и неговиот реизбор на лидерската позиција на партијата – првпат на непосредни избори.
Сите досегашни лидери на СДСМ (Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и досега Заев, во два мандата) се избираа на конгрес. Од 2013 година на конгрес се избира и заменик-претседателот на партијата (Шекеринска во два мандата), додека изборот на генерален секретар на партијата, преку статутарни измени, се префрли во Централниот одбор на партијата, на предлог на партискиот лидер. На конгрес се избираат и членовите на Централниот и на Надзорниот одбор на СДСМ.
Идејата за непосредни избори за партиските функции, по примерот на германската СДП и други членки на Партијата на европските социјалисти, прв ја пласираше Бучковски, кога се бараше негова одговорност за изборниот пораз во 2006 година, по што му беше изгласана недоверба ма отчетниот конгрес.
Идејата за непосредни избори за партиските функции, по примерот на германската СДП и други членки на Партијата на европските социјалисти, прв ја пласираше Бучковски, кога се бараше негова одговорност за изборниот пораз во 2006 година, по што му беше изгласана недоверба на отчетниот конгрес.
Идејата се реактуелизираше по парламентарните избори во 2011 година, кога на отчетниот конгрес, тогашниот лидер Црвенковски доби доверба од делегатите да продолжи да ја води партијата, со образложение дека го подобрил изборниот скор на СДСМ, и покрај поразот од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев, по доаѓањето на чело на СДСМ, пролетта 2013 година, ги изгуби парламентарните и претседателски избори во 2014 година. Ама тогашната опозиција не ги призна изборите и речиси една година воопшто не влезе во парламентот, се до избувнувањето на големата политичка криза со прислушувањето, во почетокот на 2015 година.
Во 2008 година, тогашната претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, поднесе оставка веднаш откако социјалдемократите ги избија првите избори што беа распишани како вонредни.