Претходно, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој излезе на терен за да изврши увид, исто така информираше дека огнот е локализиран и речиси целосно изгаснат

Пожарот кој попладнево избувна во магацин во кругот на поранешната фабрика „Треска“ е изгаснат, информира за МИА командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески.
Огнот зафати пластични материјали, дрва, грмушки и отпад, што го предизвика густиот црн чад во центарот на Скопје, но при пожарот нема повредени. Во гасењето на пожарот интервенираа 55 пожарникари со десетина возила.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска попладнево изјави оти пожарот, според индициите најверојатно е подметнат.
„Сакам да ве известам дека пожарот е локализиран. Можам да кажам дека имаше фантастична реакција на скопската Противпожарна бригада. На пожарот интервенираа 55 пожарникари. Од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар што е отпочнат на потегот, како што ми спомна и командирот, со сомнение дека има лица коишто го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од соседите кои живеат непосредно тука, кои виделе дека има лица на овој потег“,
рече Арсовска, нагласувајќи оти треба да има најстроги мерки за оние кои го направиле ова.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Томески информира дека за гасење на пожарот веднаш интервенирале со сите расположливи сили, како и тоа дека нема повредени.
„Приоритет ни беше да се спречи ширење на пожарот на соседните објекти за домување, како и објектите кои се во кругот на фабриката Треска. Благодарние на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот. Изгаснат е во рамките на она што е затекнато. Нема повредени за среќа наша, ни пожарникари, ни граѓани, така да, е успешна интервенција од наша страна“,
рече Томески.
Претходно, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој излезе на терен за да изврши увид, исто така информираше дека огнот е локализиран и речиси целосно изгаснат, благодарение на брзата реакција на надлежните.