Од синоќа од 21 часот во сила е 80-часовниот полициски час за граѓаните на Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, потоа Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Забраната за движење на граѓаните во овие општини ќе трае до понеделник до 05 часот.
Во сите останати градови во земјава забраната за движење, која почна синоќа во 21 часот важеше до 05 часот утрово. Од денеска и во текот на викендот забраната за движење во останатите делови од земјата ќе почнува во 16 часот и ќе трае до 05 часот наутро.
Поради празникот Духовден воведена е забрана за посета на гробиштата на целата територија на државата и тоа од синоќа од 21 часот до понеделник до 05 часот.
Одлуката за повторно воведување забрана за движење е донесена согласно препораките на Комисијата за заразни болести, откако изминатата недела бројот на новозаразени забележа пораст.
Забрана за движење на териорија на цела држава имаше до 26-ти минатиот месец, кога беше целосно укината со што земјата започна со постепено олабавување на мерките.
Рекордни 120 позитивни на ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјава се регистрирани вчера за период од 24 часа. Тие се дијагностицирани од 953 направени тестирања, а над половината (67) се од Скопје.
Ова е втор највисок врв по број на заразени во едно деноноќие од 15 април кога имаше 107. Во вчерашната статистика на Министерството за здравство се беллежат уште два смртни случаја – починаа пациенти од Тетово на 65 и на 69 години.
Со овие 120, вкупниот број потврдени на коронавирус во земјава достигна 2 611, од кои 147 починаа, 1 621 се оздравени, а активни случаи се 843.
