Од пред десет години, со новиот Закон за сообраќај, возачки испит не се полага во авто школите кои имаа сопствени комисии. Наместо тоа, се отворија испитни центри на кои Министерството за внатрешни работи, преку конкурс, им доделува лиценци со важност од 10 години.
„Високата цена на испитот ги стимулира, ги привлекува и другите професии, од слаткар до пратеник, да бидат заинтересирани да влезат во овој бизнис.“ – вели Јонче Апостоловски од Здружение на независни инстуктори, возачи и авто-школи.
Во земјава има вкупно осум испитни центри, по еден во секој Сектор за внатрешни работи на МВР. Граѓаните мора да го полагаат испитот во центарот што го покрива нивното место на живеење.
„Тоа на ниво на Република Македонија изгледа како да не е монопол, меѓутоа регионално е.“ – смета Неџмедин Фазлиу, сопственик на автошкола.
Ваквото законско решение постојано остава цели региони без можност за полагање возачки испит.
„Во Струмица треба да се отвори уште еден испитен центар, а не да се затвори и постојниот.“ – рече жител на Струмица.
Зошто државата создава регионални монополи и треба ли да има повеќе испитни центри во еден регион?
– – – – – – – – – – – – – –
По струмичките улици речиси и да нема автомобили на авто школи. Ретко кај се решава да почне со обука за возач, бидејќи нема каде да се направи следниот чекор – полагање на возачкиот испит.
Струмичкиот испитен центар, кој го покрива целиот југоисток од државата, е затворен од декември минатата година поради неисполнување на законските прописи.
ШТО ПРАВАТ СЕГА ЛУЃЕТО ШТО ПОМИНАЛЕ АВТО ШКОЛА?
„Ништо. Чекаат да се отвори испитниот центар затоа што нема друго решение. Мора да се чека. Имаат уплатено, ги имаат поминато процедурите и чекаат да се отвори испитниот центар.“
„Се надевам дека што побрзо ќе дојде до решение за ова. Доста деца, мои другари, чекаат. И навистина се надевам дека ќе го решат зашто не може вака да продолжи.“
„Најдобро е под државна капа, а приватен бизнис си е друго.“ – велат жители на Струмица.
Струмичани не се без решение. Но, во ваков случај, кога испитниот центар во еден регион е затворен од било која причина, законот дозволува кандидатите за возачи својот возачки испит да го полагаат во некој од останатите испитни центри во земјава, по сопствен избор. Тоа значи дополнително време и пари.
„Ако не го пуштат – ќе видиме. И во Радовиш не може. Најблиску е Штип.“
„Тоа е непотребно во ова денешно време, како што е економијата тешка, да се изложуваат на излишни трошоци.“ – велат струмичани.
Со ваков проблем изминативе години се соочуваа и други региони. Во 2014 беше затворен испитниот центар во Битола. Во 2010 речиси една година без испитен центар беше Велес.
„Истекуваа лекарски уверенија на кандидатите, поминува оној законски рок од една година, кој важи кај дел од кандидатите, за положен теоретски дел, ќе треба пак да го обноват.“ – изјави Јонче Апостоловски од Здружение на независни инстуктори, возачи и авто-школи.
Од Здружението со години посочуваат на проблемите во законското решение – да има само по еден исптиен центар за секој од осумте полициски сектори. Повеќепати барале промена на законот од МВР, последно според словенечкиот модел.
„Приближно сме исти според територија и според број на жители. Таму има 11 испитни центри со 8 испостави, значи вкупно 19 испитни центри. Замислете има испитен центар во местото Мурска Собота кое има 15 илјади жители. Така да, не е ништо страшно ако и овде го примениме тој модел се со цел да заштеди граѓанинот, да се надмине она шетање од еден во друг град.“ – вели Апостоловски.
Со по еден испитен центар во секој сектор за внатрешни работи се креираат регионални монополи, велат од Здружението. Последица е стагнација на квалитетот и скапа услуга, споредено со регионот.
За пример, во Словенија возачки испит за Б категорија чини околу 80 евра или околу 4900 денари, а кај нас чини речиси 110 евра или 6700 денари.
Бројките зборуваат и за исплатливоста на бизнисот. Осумте испитни центри во 2017 година свртеле вкупно 3.342.000 евра од кои 19 отсто или 630.000 евра биле чист профит за нив.
Трите испитни центри со најголем ќар се:
1. АМСМ Испитен центар – Скопје 270.000 евра
2. Европски возач – Штип – 134.000 евра
3. АсСтрумекс – Струмица – 98.000 евра
„Високата цена на испитот ги стимулира, ги привлекува и другите професии, од слаткар до пратеник, да бидат заинтересирани да влезат во овој бизнис. Ние не го сваќаме ова како бизнис, туку како поле, како место каде што треба граѓаните да добијат услуга и да го унапредиме сообраќајот.“ – тврди Апостоловски.
Во моментов се води тивка битка во главниог град, бидејќи во август му истекува лиценцата и на скопскиот испитен центар. Еден од проблемите на акутелниот модел е што сите што ќе се јават на конкурсот мора однапред да имаат обезбедено инфраструктура, ресурси и стручен кадар, а инвестицијата нема да му пропадне само на оној што ќе победи. За новиот конкурс се подготвува и Неџмедин Фазлиу.
„Убеден сум дека оценката ќе ја земам петка. Но, таа оценка петка ќе ја земат повеќе субјекти. И на крајот еден ќе победи. Другите сите ќе бидат разочарани затоа што и тие ќе ги исполнат истите услови и по однос на кадровската политика и севкупно.“ – вели Фазлиу.
Тој смета дека со отворање повеќе испитни центри ќе се направи конкуренција со која ќе дојдат до израз стручноста и квалитетот. „Подобар сервис за граѓаните. И граѓаните ќе имаат право на избор. Со тоа ќе се намалат цените, ќе бидат поекспедитивни да ги услужат, како што дозволува законот и сето тоа, ќе има поубаво однесување, ќе има љубезност. Кога ќе има конкуренција нема да се однесуваат монополистички. За граѓаните, општеството и фелата ќе дојде до израз професионалноста. Нема да има губитници, ќе има само победници.“
Но, од Министерството за внатрешни работи, кое го пренесува јавното овластување за менаџирање со испитен центар, не мислат така. Работната група која ги направи последните измени во законот сметала дека отворањето повеќе испитни центри е враќање чекор назад, како пред 2007 година. Тогаш авто-школите имаа сопствени комисии па кандидатите за возачи ако не поминеле во една, оделе да полагаат во друга авто-школа, а со исто знаење.
„Постојното законско решение оневозможува продуцирање на недоволно квалитетно обучени возачи, односно учесници во сообраќајот. Ова постојно законско решение кое што предвидува во секој Сектор за внатрешни работи да има по еден испитен центар, но со повеќе испитни комисии, овозможува да добиеме квалитетно обучени возачи кои ќе учествуваат во сообраќајот.“ – изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Контрааргументи на ваквиот став на МВР има универзитетскиот професор Драган Гоцевски. Тој смета дека хаосот со возачките дозволи нема да се повтори ако има соодветна контрола од МВР.
„Сите оние заинтересирани што ќе ги исполнат истите услови кои што важат за сите, да можат да се стекнат со лиценца да бидат носители на тоа овластување. Обврска на државата, во случај на поширока или целосна либерализација, нема да биде да се грижи за финансиската одржливост на поединечен испитен центар. Тоа ќе си го прават самите врз основа на економската логика. Доколку има побарувачка за таков тип на дејност тие ќе бидат финансиски одржливи, доколку нема сами ќе го напуштат пазарот. Пазарот е тој што ќе воспостави колкав број на чинители ќе опстанат во него, а работа на државата ќе остане непристрасно и доследно да гледа дали сите навистина ги исполнуваат условите, дали доследно се придржуваат до пропишаните критериуми кои треба да се исполнат за одредено лице да може да го положи испитот, за да нема купени дозволи, секој да поминува, да не се снаоѓа по улици…“ – објаснува професорот Гоцевски.
Кога државата пред една деценија решила ова јавно овластување да го пренесе на приватниот сектор, оваа дејност имала доволно време да созрее и да создаде повеќе „играчи на пазарот“.
„Ако го држите подолго фиксиран на утврден број чинители, тогаш сакајќи или несакајќи создавате преференцијален третман на тие кои што веќе еднаш се стекнале со лиценца – им се исплати и можат да инвестираат во таа дејност, а тие што никогаш се немаат стекнато со тоа, самиот ризик дали ќе ја добијат или не ги одвраќа. Така, можеби ненамерно, создавате олигополски модел на управување што за јавниот сектор не е пожелен. Или нека биде јавен сектор во целост, нека го прави јавно-правен субјект, МВР или некој друг, или пак нека се либерализира.“ – додава Гоцевски.
Во Куманово, Охрид, Тетово и Штип веќе се доделени нови лиценци кои сега, според новото законско решение, наместо 10 важат 5 години. Лиценцата на велешниот центар истекува во 2020, а на битолскиот во 2024 година. На испитните центри во Скопје и Струмица лиценците им истекуваат за два месеца, во август, и веќе е распишан оглас за доделување нови.
„Се надевам дека овој пат, кога веќе не се променија условите и начинот на доделување на таа лиценца да оди на најмалку два субјекти или повеќе, поготово за поголемите територијални единици, се надевам дека овој пат ќе биде почесно.“ – рече Апостоловски.
Летото ќе биде жешко за сите што ќе влезат во битката за бизнисот. А, во таа жешка битка за профит, веќе горат граѓаните, кои, како во актуелниот пример со Струмица, – или треба да се откажат од полагање или подлабоко да брцнат во џебот и да отпатуваат до друг центар, ако сакаат возачка дозвола. Кој ќе им ја нодемести штетата?
Напишете коментар