Американскиот Стејт департмент денеска во соопштение наведе оти САД, сојузниците и партнерите „сакаа да нанесат удар во срцето на руската способност да води војна и прави агресија против други земји, вклучувајќи ја Украина“.
САД денеска воведоа нови санкции поради руската инвазија на Украина, а во списокот на санкционирани се додаваат 328 претставници на Државната дума и рускиот Парламент, што е, исто така, санкциониран како институција, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Американскиот Стејт департмент денеска во соопштение наведе оти САД, сојузниците и партнерите „сакаа да нанесат удар во срцето на руската способност да води војна и прави агресија против други земји, вклучувајќи ја Украина“.
„Претседателот Путин продолжува да нанесува хорор и огромни страдања на народот во Украина. Во меѓувреме, Државната дума продолжува со употреба на својата законодавна моќ за напад на неистомислениците и фундаменталните права на граѓаните во Русија“,
изјави денеска државниот секретар Ентони Блинкен.
Освен што Думата е санкционирана во целост, санкции се воведени и за Херман Греф, директор на главната руска банка Сбербанк и „близок соработник на Путин“.
Санкционирана е и компанијата „Волга Груп“, поврзана со Генадиј Тимченко, санкциониран уште од 2014 година, а под замрзнување на сопственост и забрана за патување во САД се најдоа и сопругата на Тимченко, нивните две ќерки и блиски роднини.
Санкционирани се и неколку компании кои работат во одбранбениот сектор на Русија.
САД наведуваат дека продолжуваат со поддршката за Украина, вклучително и со дополнителни 800 милиони долари безбедносна помош, со што вкупната американска помош за земјата во изминатите две недели изнесува една милијада долари.
