Изминативе денови пожарот го гасеше и хеликоптер на АРМ, бидејќи противпожарните возилата поради стрмниот предел не можат да пристапат до местото на пожарот
Надлежните институции сè уште се на терен и го гасат пожарот кој веќе една недела гориво високите планински делови на Општина Липково кај селото Пресница, информираа денеска одговорните.

Зафатена е нискостеблеста и деградирана шума, но и дрвја. Екипа од кумановската подружница на „Национални шуми“ и денеска е на терен.
„Сè уште чади и една екипа од седум вработени од утрово пак е на терен. Вчера беа триесетина лица кои се обидуваа да го ликвидираат пожарот“,
вели за МИА раководителот на подружницата, Луан Бајрами.
Во еден дел од северозападната страна пожарот е изгаснат, но е активен во дел од кај селото Пресница.
Раководителот на РЦУК Куманово, Горан Стојановски, вели дека отежнувачки е што пожарот се наоѓа на исклучително непристапен терен.
Тоа го потврдил и командирот на територијалната противпожарна единица, Дејан Илиевски, кој вели дека нивни екипи постојано се на терен, меѓутоа противпожарните возила поради стрмниот предел не можат да пристапат до местото на пожарот.
Изминативе денови пожарот го гасеше и хеликоптер на АРМ. Претходно и СВР Куманово информираше дека презема мерки за расчистување на пожарот во атарот на Пресница и апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни при палење оган на отворено.