Останува можноста за учениците да учат и од печатени учебници на трошок на училиштето, уверува министерката за образование, Мила Царовска, по најавата дека од идната година ќе се користат дигитални учебници за учениците од четврто до деветто одделение, како и за средношколците. Царовска на „Фејсбук“ објави дека како и за следење а онлајн-настава, училиштата ќе бидат должни да обезбедат електронски уреди за оние кои не поседуваат. Според податоците од МОН станува збор за 4000 ученици на ниво на цела држава.
„Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Понатаму, секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди. Тие ќе се даваат на користење на учениците кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред“
соопшти Царовска.
Заштедата на средства по основ на печатење на учебници, ќе се реалоцира за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици, објаснува Царовска и повторува дека за најмалите ученици од прво до трето одделение останува користењето на печатени учебници.
„Лектирите исто така остануваат во печатена верзија во сите одделенија.Не постои ограничување за печатење на учебниците, кој сака може да има испечатен учебник и тоа да го направи самостојно или тоа да го направи училиштето. Воопшто не се ограничува употребата на печатените учебници туку се дава дополнителна можност и ресурс за дигиталното време“
додава Царовска.