Епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна и бројот на заболени наставници и ученици е мал, вели министерката за образование и наука, Мила Царовска во интервју за Радио Слободна Европа.
Поради тоа, вели Царовска, Министерството за образование и наука не размислува за затворање на училиштата и смета дека нема потреба од нови мерки.
„Состојбата во образованието со коронавирусот е апсолутно стабилна и одговорно стојам зад тоа, поради тоа што 3 декември беше најголемиот пик во првото полугодие и тогаш имавме 168 наставници и 88 ученици. Сега имаме само 62 ученика на целата територијата на државата и 98 наставници, што значи дека сè уште сме многу пониско од оној пик којшто го имавме во декември, а да не зборувам дека тоа е помалку од 1 процент од вкупниот број на наставници и 0,06 отсто од учениците“,
вели Царовскa.
Коментирајќи ја новата Концепција за основно образование, Царовска рече дека учениците кои наесен ќе почнат да учат по оваа концепција, понатаму на ПИСА тестовите ќе покажат какви резултати дава реформата.
„Ако ме прашате што сум направила како министер, носењето на Концепцијата е прв чекор за подобрување на резултатите на меѓународните тестирања, коишто не се подобруваат за една година. Државите коишто сакаат да променат нешто и да имаат подобри резултати, а резултатите не се бројка туку подобар човечки капитал во државата, тогаш тие треба 10 години порано да почнат, за да ги очекуваат првите резултати“,
истакна Царовска.
