Стоката, како што велат од Царинската управа, била пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила

Речиси три илјади парчиња различна стока – меѓу кои алкохолни пијалаци, електронски цигари, облека со потпис на заштитени трговски марки и автоделови заплениле царинските службеници на граничните премини „Блаце“, „Табановце“, „Богородица“ и „Ново Село“.
Стоката, како што велат од Царинската управа, била пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила.
Од царина велат дека против сторителите се водат посебни постапки.
На граничниот премин „Блаце“ биле запленети повеќе од 700 парчиња разна стока, меѓу која играчки, парфеми, козметика и мебел. Стоката била скриена во фабрички шуплини на комбе, под патосниците на задните седишта како и во багажниот простор на автомобил и во едно товарно возило кое било пријавено како празно.
На „Табановце“, во текот на изминатите денови, во три одделни случаи заплениле 26 шишиња алкохолни пијалаци, над 200 парчиња електронски цигари и уред за автодијагностика. Дополнително, мобилен царински тим открил и спречил обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел, наменети за фонтани и аквариуми.
Алкохолните пијалаци биле пронајдени во автомобил со германски регистарски таблички, електронските цигари биле во две торби на патник кој патувал со автобус на релација Брисел – Скопје, а третиот случај, што се однесува на уред за автодијагностика, е откриен во автомобил со привремени германски таблички.
На граничниот премин „Богородица“, при контрола на стока во транзит, мобилни тимови заплениле 1 200 парчиња безжични контролери за „сони плејстејшн“ и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки. Запленетата стока е одземена поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.
На „Ново Село“ царинските службеници заплениле автоделови што биле пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин. Од Царинската управа велат дека стоката е запленета, а против сторителот е поведена соодветна постапка.
