Трговскиот суд вчера пресуди дека претседателот нема законско овластување да воведе огромни тарифи врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за итни случаи. Белата куќа веднаш поднесе жалба, а Апелациониот суд одобри привремена суспензија на пресудата. Ова значи дека тарифите на Трамп остануваат на сила додека трае процесот на жалба
Апелациониот суд на САД привремено ги врати речиси сите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Си-ен-ен.
Понизок суд претходно ги блокираше царините на американскиот лидер, односно тројца федерални судии ги блокираа глобалните царини на Трамп, наведувајќи дека претседателот ги пречекорил своите овластувања.

Трамп само неколку месеци од почетокот на неговиот втор мандат значително ја заостри трговската политика на САД, воведувајќи високи царини за речиси сите увезени производи.
На почетокот на годината, Трамп воведе универзална царина од 10 отсто за речиси сите увозни производи, најави уште повисоки стапки за земји како Мексико, Канада и Кина и ги прошири таканаречените индустриски тарифи со дополнителни 25 отсто за челик, алуминиум и автомобили.
Трговскиот суд вчера пресуди дека претседателот нема законско овластување да воведе огромни тарифи врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за итни случаи. Пресудата не ги опфати индустриските царини, кои подлежат на друга правна основа.
Белата куќа веднаш поднесе жалба, а Апелациониот суд одобри привремена суспензија на пресудата.
Ова значи дека тарифите на Трамп остануваат на сила додека трае процесот на жалба.
Советникот за трговија во Белата куќа, Питер Наваро, изјави дека администрацијата на Трамп ќе бара начини да ги задржи царините на сила, дури и ако на крајот ги изгуби правните битки околу својата трговска политика.
„Дури и да изгубиме, ќе го направиме тоа на поинаков начин. И можам да го уверам американскиот народ дека тарифната агенда на Трамп е жива, добра и ќе биде спроведена за да ве заштити“,
вели Наваро.