Како што соопштија од Царинската управа се проверува постапувањето и на превозникот и на царинските службеници на Деве Баир
Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на граничниот премин Деве Баир каде се врши детална контрола за тоа како автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредни во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија излегол од државава, без да поседува извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници.
Како што соопштија од Царинската управа се проверува постапувањето и на превозникот и на царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.
„Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин, а за наодите од контролата јавноста ќе биде навремено информирана“,
велат од Царина.
Вечерва од Министерството за транспорт соопштија дека конкретниот автобус не поседувал извод од лиценца за мешународен превоз на патници ниту за каков друг јавен превоз на патници, поради што на компанијата и е одземена лиценцата за работа.