Од Царина велат дека при увозно царинење на возилото наместо 3,9 милиони денари се наплатени два милиони денари и со посредство на тројца царински и еден полициски службеник возилото со фалсификувани документи е пуштено во слободен промет и е регистрирано
Луксузно употребувано возило марка „мерцедес-мајбах“ во 2023 година е пуштено во слободен промет и со помош на фалсификувани документи е успешно регистрирано, со што државниот буџет е оштетен за 1,9 милиони денари, информираат денеска од Царинската управа за случајот кој, како што велат оттаму, го открило Одделението за истраги при Секторот за контроли и истраги.
По спроведена опсежна истрага и форензичко вештачење, како што велат од Царина, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е поднесена кривична пријава против две правни и седум физички лица за фалсификување исправа и службена исправа, злоупотреба на службената положба и овластување, како и несовесно работење во службата.

Во описот за случајот од Царина велат дека увозникот, сега првоосомничен, го набавил возилото во Германија и го внел во државата, по што се упатил кон царински терминал за спроведување постапка за царинење.
Царински записник, управител во шпедиција, сега второосомничен, пак, со умисла да бидат наплатени помали давачки, изготвил фактура со пониска вредност и фалсификуван доказ за потекло, со што би се овозможил преференцијален третман, односно царината да биде ослободена од плаќање.
„Потоа ги лажирал и другите документи, при што во делот на регистарски таблички ги внел оние што биле во важност пред увозникот да го купи возилото во Германија, а податоците за увозникот ги заменил со други. Така, при увозно царинење на возилото, наместо 3,9 милиони денари се наплатени два милиони денари и со посредство на тројца царински и еден полициски службеник возилото со фалсификувани документи е пуштено во слободен промет и е регистрирано“,
велат од Царина за случајот.
Царинските службеници што се опфатени со кривичната пријава, како што информираат од Управата, се товарат за слични дела и во други кривични пријави поврзани со увози на автомобили и се отпуштени од работа минатата година.
„За утврдените избегнати давачки за конкретниот случај, изготвено е решение за дополнителна наплата, при што се наплатени 2,5 милиони денари, од кои 1,9 на име на основен долг и 600 илјади денари на име на камати“,
соопшти царинската управа.
Царинската управа, како што информира, почна со опсежни истраги на увози на автомобили во октомври 2024 година.
Во период од година и пол, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги до ОЈО ГОКК поднесе вкупно 51 кривична пријава против 110 правни и 396 физички лица за криминал поврзан со 180 употребувани возила.
Станува збор за кривични дела извршени во периодот од 2022 до 2024 година, со кои е нанесена директна штета врз Буџетот во износ од 41 милион денари.
