Во декември лани, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците на животот е забележано кај храна и безалкохолни пијалаци за 0,4 проценти и облека и обувки за 0,2 отсто

Индексот на трошоците на живот во декември минатата година бележи годишно зголемување од 4,1 отсто во однос на истиот месец претходната година. Истовремено, индексот на цените на мало е зголемен за 3,7 отсто, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, во декември лани е зголемена за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец.
Според податоците од ДЗС, растот на трошоците на живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори. Најзначаен пораст во декември во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт каде има зголемување од 5,8 отсто.
Покрај транспортот, значителен придонес кон инфлацијата имаат и зголемувањата во секторот рекреација и култура кои се поголеми за 0,8 проценти.

Зголемување на трошоците имало и во групата здравје кои во декември биле повисоки за 0,7 отсто.
Мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата бележат зголемување за 0,5 проценти.
Помали, но сепак зголемувања се регистрирани и во групите ресторани и хотели за 0,4 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 отсто. Зголемување е регистрирано и кај алкохолните пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 отсто.
Во декември лани, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците на животот е забележано кај храна и безалкохолни пијалаци за 0,4 проценти и облека и обувки за 0,2 отсто.
ДЗС известува дека трошоците на живот во групите образование и комуникации остануваат на исто ниво како и во претходниот месец, без промени.
ДЗС објави и дека индексот на цените на мало во декември бележи зголемување од 1,9 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи раст од 3,7 проценти.
На годишно ниво, пак, кај цените на мало најголемо зголемување има кај индустриско-прехранбените производи за 5,1 отсто и прехранбените за 4,9 проценти.

