Според податоците од ДЗС, растот на трошоците на живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори. Најзначаен пораст во ноември годинава во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт каде што има зголемување од 1,7 отсто

Индексот на трошоците на живот во ноември 2025 година бележи годишно зголемување од четири отсто во однос на истиот месец минатата година. Истовремено, индексот на цените на мало е зголемен за три отсто, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, во ноември годинава е зголемена за 0,5 отсто во споредба со претходниот месец.
Според податоците од ДЗС, растот на трошоците на живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори. Најзначаен пораст во ноември годинава во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт каде има зголемување од 1,7 отсто.
Покрај транспортот, значителен придонес кон инфлацијата имаат и зголемувањата во секторот рекреација и култура кои се поголеми за 0,9 проценти.
Зголемување на трошоците имало и кај храната и безалкохолните пијалаци кои месецов биле повисоки за 0,7 отсто.

Мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата бележат зголемување за 0,5 проценти.
Помали, но сепак зголемувања се регистрирани и во групите ресторани и хотели и здравје за 0,3 отсто, алкохолните пијалаци и тутунот за 0,2 проценти. Зголемување е регистрирано и кај комуникациите, облеката и обувките за 0,1 отсто, а за исто толку поскапо се плаќало и за домување, вода, електрика, гас и други горива.
ДЗС известува дека трошоците на живот во групите разновидни стоки и услуги и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец, без промени.
ДЗС објави и дека индексот на цените на мало во ноември годинава во однос на октомври бележи зголемување од 0,6 отсто, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи раст од три проценти.
Овој месец, во споредба со претходниот, најголемо е зголемувањето кај услугите и тоа за 0,9 отсто. Земјоделските производи поскапиле за 0,8 проценти, а прехранбените за 0,7 отсто.
На годишно ниво, пак, кај цените на мало најголемо зголемување има кај индустриско-прехранбените производи за 5,9 отсто и прехранбените за 5,3 проценти.

