Според податоците на ДЗС, за една година најголемо зголемување на цените од 6,2 отсто имало кај храната и безалкохолните пијалаци

Минатиот месец трошоците за живот, во однос на јули, биле поголеми за 0,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). На годишно ниво, пак, податоците покажуваат дека трошоците за живот се зголемиле за 4,4 отсто.
Според податоците на ДЗС, за една година најголемо зголемување на цените од 6,2 отсто имало кај храната и безалкохолните пијалаци. Алкохолните пијалаци и тутунот за една година поскапеле за 5,8 отсто, а за 5,3 проценти се поскапи мебелот, покуќнината и редовното одржување во домаќинствата.
Во август за 3,3 отсто повеќе отколку минатата година граѓаните плаќале за облека и обувки.
Повисоки цени овој август се плаќале и за рекреација и култура, и тоа за 5,8 проценти. За транспорт се плаќало 3,6 отсто повеќе, а во ресторани и хотели услугите за една година поскапеле за 4,4 проценти.

Според податоците од ДЗС, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август годинава, во однос на претходниот месец исто така има зголемување, но од 0,2 отсто.
Најголемо зголемување од 2,1 отсто имало во групата ресторани и хотели, а за мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 проценти.
Храната и безалкохолните пијалаци и разновидните стоки и услуги за еден месец поскапеле за 0,6 проценти, а алкохолните пијалаци и тутунот за 0,1 отсто. За рекреација и култура граѓаните во август плаќале поскапо за 0,3 отсто.
Намалување на трошоците за живот во август годинава, во однос на јули, е забележано кај транспортот за 3,1 отсто, облеката и обувките поевтиниле за 0,6 проценти, а за здравје и образование се плаќало за 0,1 отсто помалку отколку претходниот месец.
Од податоците на Статистика може да се види дека цените на мало во август во однос на јули годинава се намалени за 0,7 отсто, додека во однос на истиот месец лани тие бележат зголемување од 4,1 отсто.
