Јовановски бил нападнат додека вчера во попладневните часови седел на клупа во дворот на затворот. Нападот, според неговиот адвокат, е без никакви причини, а му претходеле и неколку вербални закани
Бојан Јовановски познат како Боки 13 вчера бил претепан од тројца затвореници во затворот „Идризово“ каде што ја издржува затворската казна во случајот „Рекет“.
Јовановски вчера бил префрлен во болница каде што ја поминал претходната ноќ, а според информациите од неговата одбрана, тој имал повреди на главата, раката и стомакот. Нападот е пријавен и во полицијата од каде што велат дека работат на расветлување на случајот.
„На 20.10.2022 во 20 часот во СВР Скопје – Полициската станица Гази Баба, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Б.Ј. (36) од Скопје. Според пријавеното, околу 15:40 часот во кругот на Казнено-поправната установа затвор ‘Идризово’, каде што издржувал затворска казна, Б.Ј. бил физички нападнат од три лица. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок“,
велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, вели дека неговиот клиент бил нападнат со клоци и тупаници без никаква причина од тројцата затвореници додека седел на клупа во дворот на „Идризово“. Одговорноста ја лоцира ја директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски.
„Ова е исклучиво вина на директорот на Управата за извршување санкции. Без каква било причина го префрли од едно одделение во сосема друго одделение, каде што се сместени друг калибар на лица, затвореници. Неколкупати досега имаше вербални закани, ние ги пријавувавме, не се реагираше“,
вели Дукоски за „360 степени“.
Се обидовме да стапиме и во телефонски контакт со директорот на Управата, но до моментот на објавување на овој текст не успеавме да добиеме негов коментар.
Јовановски во „Идризово“ издржува правосилна затворска казна од девет години во „Рекет“, случај во кој на седум години беше осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Во меѓувреме, пред првостепениот суд заврши и предметот „Меѓународен сојуз“ каде што Јовановски е првообвинет и со неправосилна пресудата осуден на уште девет години затвор.
Фото: МИА