Во несреќата е повредено едно лице, кое е задржано во тетовската болница
Три лица загинаа во сообраќајна несреќа што денеска околу 16 часот попладне се случила на автопатот Тетово-Скопје кај клучката „Север“. Сообраќајката се случила при судир на автомобил марка „опел астра“ со тетовски регистрации и автобус „ман“ со скопски регистарски таблички.

Загинати се 59-годишниот возач на автомобилот Т.И. и две сопатнички И.И. и З.М. на возраст од 55 и 71 година, сите од Тетово. Во автомобилот со нив патувало уште едно лице Р.И. кое е повредено и ќе биде задржано на опсервација во Клиничката болница Тетово.
Со автобусот управувал Ш.Д. (62) од Тетово.
На местото на настанот е извршен увид од страна на дежурен јавен обвинител.
Според првичните сознанија на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово, до несреќата дошло при контакт на автомобилот и автобусот, при што автомобилот излетал од патот.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, а за возачот на автобусот наредено е испитување на евентуално присуство на алкохол или други супстанции. Возилата се одземени за технички преглед на нивната исправност во моментот на сударот“,
информираат од ОЈО Тетово.
На местото на несреќата бил повикан и вештак од областа на сообраќајот, а дополнително ќе биде изготвено и комплетно сообраќајно-техничко вештачење врз основа на трагите, фотодокументацијата и другите докази.