Според локалните медиуми, пожарот избувнал за време на ноќната смена со 13 вработени во погонот за производство и печење бисквити, при што имало и експлозии, а причините засега се непознати

Три лица загинаа во пожар што околу 4 часот утринава избувнал во фабрика за производство на бисквити во грчкиот град Трикала, додека, пак, исчезнати се уште две лица, а повредени се седум, јави МИА.
Според локалните медиуми, пожарот избувнал за време на ноќната смена со 13 вработени во погонот за производство и печење бисквити, при што имало и експлозии, а причините засега се непознати.
Експлозиите, според истите информации, биле толку силни што се слушнале и во околните села и во центарот на Трикала, што е на околу шест километри од фабриката.
Противпожарната служба интервенираше со 40 пожарникари со 13 возила, а помагаа и цистерни од општината.
Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, говорејќи за телевизијата Скај рече дека во болницата во Трикала се пренесени шестмина вработени и еден пожарникар, сите во добра состојба, генерално со проблеми со дишењето.
