Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 103 беспилотни летала во ноќните напади низ Украина предизвикувајќи штета во пет региони, пишува Ројтерс

Три лица, меѓу кои и едно дете, се убиени, а уште осум се ранети во руски напад врз украинскиот град Павлоград, вели регионалниот гувернер.
„Агресорот повторно изврши масовен напад врз регионот со беспилотни летала“,
напиша Сергеј Лисак, гувернер на централниот Днепропетровски Регион на Телеграм и додаде дека 11 беспилотни летала биле уништени над регионот.
Лисак, објавувајќи фотографии од станбена зграда како гори, вели дека во градот избувнале неколку пожари.
Тој додава дека шестмина од повредените се хоспитализирани, додека на две други лица, меѓу кои и 15-годишно девојче, им била укажана помош на самото место.
„За жал, веќе има тројца мртви во Павлоград. Меѓу нив е и едно дете“,
пишува тој во подоцнежно ажурирање.
Лисак додава дека во градот во тек се операциите за пребарување и спасување.
Како резултат на нападот, додава Лисак, пожари избувнале и на локациите на претпријатијата во областите Синелниковски и Самаривски.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 103 беспилотни летала во ноќните напади низ Украина и предизвикале штета во пет региони, пишува Ројтерс.
Североисточниот град Харков во Украина, исто така, бил нападнат со беспилотни летала, изјави градоначалникот Ихор Терехов и додаде дека според прелиминарните информации оштетени се неколку приватни згради.
Вчера украинските власти соопштија дека руските сили во текот на ноќта истрелале најмалку 70 проектили и 145 беспилотни летала кон Украина, што е еден од најмасовните напади врз земјата изминатите месеци.
Главна цел, како што се наведува, бил главниот град Киев, каде што загинаа најмалку девет лица, а повеќе од 70 се повредени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „вистински притисок“ врз Русија да ги запре нападите врз Украина.
Зеленски рече дека прелиминарните информации укажуваат дека балистичка ракета произведена во Северна Кореја била употребена во рускиот воздушен напад врз Киев.