Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на други лица кои биле вклучени во престрелката
Три лица се приведени во врска со вчерашната вооружена престрелка во Тетово во која едно лице беше убиено, а четворица, меѓу кои и малолетно девојче, се повредени.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), при претрес на повеќе локации во тетовското село Гајре биле пронајдени предмети од интерес на истрагата.
„Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на предмети и други лица кои биле инволвирани во престрелката“,
додаваат од МВР.
Вчера околу 12 часот напладне во Тетово се случи вооружена престрелка во која едно лице го загуби животот, а четири лица, меѓу кои и малолетно девојче, беа повредени. Пукањето се одвивало меѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна несреќа. Возилата потоа го напуштиле местото на инцидентот.
- Престрелка во Тетово – едно лице загина, четворица повредени, меѓу кои и малолетно девојче
- (ФОТО): Во престрелката во Тетово десетици куршуми завршиле во „голфот“ во кој е најден убиениот човек
По вчерашниот инцидент, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска го посети Секторот за внатрешни работи Тетово и порача дека полицијата ги ставила во функција сите потребни служби со цел да бидат пронајдени сите инволвирани во вчерашниот инцидент.