Како што соопшти гувернерот на областа, Олег Кипер, остатоци од дроновите и ракетите, кои биле пресретнати и уништени од украинските противвоздушни сили, предизвикале оштетувања и пожари на три објекти во Одеса – студентски дом, станбена зграда и супермаркет. Двајца од тројцата повредени се хоспитализирани
Украинскиот пристаништен град Одеса ноќеска повторно бил цел на нов бран руски напади со беспилотни летала и ракети, јавуваат светските медиуми.
Во последниот напад се повредени најмалку три лица, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на извештаите на локалните власти.
Како што соопшти гувернерот на областа, Олег Кипер, остатоци од дроновите и ракетите предизвикале оштетувања и пожари на три објекти во Одеса.
„Прозорците на зградите беа разнесени од бранот експлозии“,
напиша Олег Кипер на апликацијата за пораки Телеграм.
Украинската противвоздушна одбрана, како што соопшти тој, успеала да ги пресретне и уништи сите 15 беспилотни летала и осум ракети од типот „Калибр“ кои целеле на Одеса.
„Како резултат на соборувањето на ракетите што Русите ги насочија кон центарот на Одеса, остатоци оштетија студентски дом на една од образовните институции, станбена зграда и супермаркет“,
соопшти Кипер.
Сите тројца повредени биле вработени во супермаркетот, од кои двајца поради видот на повредите се хоспитализирани.
Сирените за воздушна опасност се огласиле и во блискиот пристанишен град Миколаев, кој, како што се наведува, исто така, бил цел на напад од руска страна.
Одеса е најголемото пристаниште и поморска база во Украина. Градот постојано е напаѓан со проектили и беспилотни летала, откако Москва минатиот месец се повлече од договорот за жито што беше постигнат со посредство на Обединетите нациин и Турција, а кој ѝ овозможуваше на Украина безбедно да извезува жито од своите пристаништа на меѓународниот пазар.