И дел до осуммината вработени во виничката фабрика што се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија во Скопје денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување
Тројца од повредените пожарникари при гаснењето на пожарот што во саботата попладне изби во фабриката „макпрогрес“ во Виница, а што беа хоспитализирани во кочанската болница се пуштени на домашни лекување, информира денеска в.д. директорката на болницата, Катерина Паниќ Мирчовска.
Еден од нив е од Свети Николе, а двајца се од Виница.
Четвртиот пожарникар, припадник на ТППЕ Штип, како што додаде, е испратен на дополнителни испитувања во Клиничката болница во Штип.
Според неа, сите пожарникари згрижени во кочанската болница имаат изгореници од прв степен на долните екстемитети, што ги добиле при гаснењето на пожарот во фабриката, кога западнале во стопена течна маса од шеќер.
„Пожарникарот од Штип гасел оган со цел да спречи тој да дојде до боци со плин и слегувајќи по скала се заглавил во течната маса што горела. Другите тројца, пак, помагајќи му да се извлече од лепливата маса, се здобиле со изгореници на нозете“,
вели директорката.
Од Министерството за здравство информираат дека дел до осуммината вработени во виничката фабрика што се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија во Скопје денеска ќе бидат пуштени а домашно лекување.
Оттаму додаваат дека нивната здравствена состојба е стабилна.
Во неделата, од Здравство соопштија дека тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што во саботата попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница.
Осум лица, вработени во фабриката, се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Од Обвинителството вчера информираа дека почна увидот во фабриката во Виница, каде во пожар изгореа производствен погон и две магацински простории.
Увидните дејствија, како што посочија, ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта што тлеат.
Менаџментот на компанијата преку соопштение до јавноста им се заблагодари на сите што учествуваа во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените што физички ги загубија работните места, ќе бидат задржани.