Тројцата се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи како службени лица при изготвување на записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. На Кире Богатинов и Горан Лазаров на товар им се става по едно кривично дело злоупотреба на службената положба, додека Александар Темелков е обвинет за две поврзани дела злоупотреба на службената положба и овластување
На прашање на судијката Лидија Петровска тие рекоа дека го разбираат обвинението, но оти не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар
Денеска започна судскиот процес против тројца полициски службеници во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. На обвинителна клупа седнаа Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, полициски службеници од Кочани.

Тројцата се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи како службени лица при изготвување на записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки.
Имено, наместо на име на активниот субјект „Пулс“, каде што биле констатирани прекршоците, тие пишувале прекршочни пријави на фирма која не е активна.
„Полициските службеници Кире Богатинов и Горан Лазаров не ги извршиле своите службени должности така што при изготвување на записници од 07.01.2023 година и 25.11.2023 година внеле неточни податоци за правното и одговорното лице кабаре ‘Пулс’. Александар Темелков извршувајќи две временски поврзани дејствија не ги извршил должностите при поведување барања за поведување прекршочна постапка. Иако бил должен да ја провери целокупната документација, тој потпишал и поднел барања до судот во Кочани да бидат изготвени против неактивно правно лице ДПТУ ‘Класик’ и на име на Дејан Јованов кој не бил управител на ‘Пулс’, каде биле констатирани прекршоците”,
наведе обвинителката Ивана Алексова-Трајчева.
На тој начин обвинетите овозможиле противправна имотна корист за „Пулс“ и за одговорното лице Митко Стојанов.
На Кире Богатинов и на Горан Лазаров на товар им се става по едно кривично дело злоупотреба на службената положба, додека Темелков е обвинет за две поврзани дела злоупотреба на службената положба и овластување.
На прашање на судијката Лидија Петровска тие рекоа дека го разбираат обвинението, но оти не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар.
Инаку, судскиот процес е по обвинителен предлог што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го поднесе на крајот на јануари.
Во продолжението на денешното рочиште обвинителката ги наведе материјалните докази што ги предлага. Обвинителството не предложи сведоци за доказната постапка.
Од друга страна, одбраната најави двајца сведоци, кои ќе ги обезбеди за наредните рочишта. Поради ова судијката следното рочиште од главната расправа ги закажа за 18 март.
Обвинителката Ивана Алексова-Трајчева во изјава за медиумите појасни дека еден од предложените материјални докази е анекс-планот за контроли во однос на јавниот ред и мир, во кој, како што кажа, јасно е наведено како се води контролата и кои податоци се внесуваат во записниците.

Обвинетите Богатинов и Лазаров постапиле спротивно на планот и за контролите што секој од нив ги извршил во два одвоени случаи не навеле точни податоци, туку, тоа што, според обвинителката, им било кажано.
„Во суштина проблемот е дека кога се врши акциска контрола и кога ќе констатирате прекршок од било кој член од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, има начин, односно правила по коишто се составува записникот. Тие правила им се точно наведени во анекс планот за акциска контрола. Затоа и Обвинителството го предлага тој анекс план како доказ во оваа постапка. Во тој анекс-план точно пишува што треба да земат полициските службеници од одговорното лице во правното лице каде што е констатиран прекршокот и врз основа на правилната документација да ги наведат сите податоци во записниците за констатирани прекршоци. Во конкретниот случај таква материјална документација не е побарана, туку како им било кажано, така си запишале, при што се запишани и правно лице коешто во моментот било неактивно на клубот ‘Пулс’, односно тоа што е подружница на правното лице коешто стои во позадина“,
рече обвинителката во изјава за медиумите по денешното рочиште.
Третообвинетиот Александар Темелков, на позицијата помошник-командир, поднел пријави до судот кои се однесувале на другото правно лице „Класик“, кое во тој момент било неактивно.
Одговарајќи на новинарско прашање, обвинителката кажа дека се уште нема правна разрешница по однос на поднесените пријави во кочанскиот суд.
„Дејствијата на третиот обвинет коишто се повторува во двата настани, е тоа што кога се доставуваат барањата за поведување прекршочна постапка мора тој како одговорно лице да ги потпише. Но, самите барања не се поднесуваат ‘голи“ туку имаат пропратна документација, вклучувајќи ја за едниот настан и тековната состојба во Централниот регистар. Тоа значи дека истиот имал увид да види дали тоа правно лице било активно или не, и дали било тоа одговорно лице коешто било наведено во записниците или не. Иако податоците не биле точни, тој сепак ги потпишал таквите барања, кои се поднесени до судот, каде постапката по истите е сè уште во тек“,
рече обвинителката.
Инаку, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал на крајот на јануари поднесе обвинителен предлог против уште деветмина полициски службеници во врска со „Пулс“. Тие исто така се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, но во врска со издавањето лиценци за работа на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Тие, според Обвинителството, биле задолжени за проверки од аспект на јавниот ред и мир и сообраќајната безбедност, и потпишале дека т.н. кабаре ги поседува предвидените најмалку 20 паркинг-места, иако тоа не било случај.
Почетокот на судскиот процес за овој обвинителен предлог е закажано за 25 март.
Минатата недела надлежниот Совет за оценка при Основниот кривичен суд Скопје го одобри обвинителниот акт што, заедно со двата обвинителни предлози, ОЈО ГОКК го поднесе против 13 полициски службеници, исто така, обвинети за кривични дела поврзани со т.н. кабаре „Пулс“.
Според Обвинителството, тие се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, бидејќи од 14 до 16 март – денот кога се случи трагедијата, одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во нивна надлежност, ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење полициски работи. Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката, што се смета за непосредна причина за избувнувањето на пожарот, се активирала среде контролата.
Обвинителството ги товари дека кога ја спроведувале акциската контрола во „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во ПС Кочани.
„Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапувањето смрт на 63 лица, а 223 се здобиле со тешки телесни повреди и телесни повреди“,
наведоа од ОЈО ГОКК на 30 јануари, кога го поднесоа обвинителниот акт.
Почетокот на главната расправа за овој предмет поврзан со трагичниот пожар сè уште не е закажана.
Истовремено со поднесените обвиненија, ОЈО ГОКК тогаш донесе и наредба за запирање на истражната постапка за седум полициски службеници, на кои им се ставаа на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 до 2022 година. Со оглед на тоа што надлежноста на Специјализираното одделение на ОЈО ГОКК е од 2018 година, Обвинителството ќе ги цени само дејствијата преземи од 2019 до 2022, додека за другите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани.
Инаку, во судскиот процес за пожарот во „Пулс“ што почна на 19 ноември и кој е во тек, се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
