На тројцата обвинетите учесници на насилните протести протестите поради случајот „Монструм“, Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, кои на денешното прво рочиште го признаа делото, Основниот кривичен суд им изрече затворски казни од една година, јави МИА.
За двајца обвинети, Артон Садики и Фабио Идризи, пак, кои се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, судење ќе продолжи на 31 март.
Судијата Марин Станевски, кој го води овој случај, претходно рече и дека за обвинетиот Бесим Касами ќе се издвои постапката поради неговата влошена здравствена состојба, а исто така и за Суља Башким, кој е недостапен за органите за прогон.
Скопското обвинителство, кое го застапува случајот, обвинетите ги товари за кривичното дело учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според законските одредби, казната е од шест месеци до пет години казна затвор.
Застапник на обвинението е обвинителка Марија Демирова-Панајотова. Според обвинителството, обвинетите на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи камења, бекатон-плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон.
Во насилствата со тешки телесни повреди се здоби новинар присутен на местото на настанот, а повредени беа и 11 полициски службеници.
*Поврзани вести:
Обвинение за седум лица од протестите за „Монструм“ за учество во насилна толпа
(ВИДЕО) Тензии на протестот за случајот „Монструм“, има повредени