Според медиумите, загинатите се 60-годишниот чистач на црквата и една постара жена. Нема непосредни информации за третата жртва, која подоцна починала. Парохискиот свештеник наводно претрпел полесни повреди

Израелски напад во Појасот Газа денеска ја погоди единствената католичка црква на територијата, при што загинаа три лица.
Латинската патријаршија во Ерусалим соопшти дека црквата „Свето семејство“ во центарот на градот Газа е погодена и дека девет луѓе се повредени, од кои тројца се во критична состојба.
Според медиумите, загинатите се 60-годишниот чистач на црквата и една постара жена. Нема непосредни информации за третата жртва, која подоцна починала. Парохискиот свештеник наводно претрпел полесни повреди.
Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека околностите на инцидентот се уште се нејасни.
„Израел изразува длабоко жалење поради штетата нанесена на црквата ‘Свето семејство’ во градот Газа и поради секоја цивилна жртва. Израел никогаш не ги таргетира црквите или религиозните објекти и жали за каква било штета на религиозно место или на цивили“,
објави Министерството на Икс.
Израелската војска ги потврди извештаите за штети на црквата и жртви во областа. Војската нагласи дека вложува секаков можен напор за ублажување на штетата врз цивилите и цивилните структури, вклучително и религиозните места и жали за секоја штета што им е нанесена.
Палестинските медиуми објавија дека околу 600 раселени лица биле сместени во црквата.
Папата Лав Четиринаесетти го повтори својот повик за итен прекин на огнот по инцидентот и рече дека е длабоко тажен поради загубата на животи.
Во телеграма објавена од Латинската патријаршија, тој повика на дијалог, помирување и траен мир во регионот.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека нападите врз цивилното население, кои Израел ги демонстрира со месеци, се неприфатливи.
Израелската војска постојано нагласува дека дејствува против палестинската исламистичка организација Хамас и други милитантни групи и презема мерки за да ги поштеди цивилите во Појасот Газа.
Според медицински извори во Појасот Газа, најмалку 32 лица се убиени во израелски напади низ крајбрежниот појас од утрото.