„Од страна на У. М. од Виница, прво вербално, а потоа и физички се нападнати двајца полицајци, по што напаѓачот се дал во бегство. Се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, велат од МВР
Три малолетни лица, од кои две на 16-годишна возраст од Виница и едно на 14-годишна возраст од Кочани се затекнати како консумираат алкохолни пијалоци на Градскиот базен во Виница, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) за синоќешната акциска контрола спроведена во угостителски објект.
Во акцијата, покрај полицајците од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, учествувале и инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), од Трудовиот инспекторат, од Управата за јавни приходи (УЈП) и Центарот за јавно здравје – Кочани.

„На 02/03.08.2025 година од 23.50 до 2 часот на Градскиот базен во Виница се легитимирани 19 лица, а извршен е преглед врз осум лица. Од страна на полициските службеници во објектот се затенати и три малолетни лица, од кои две на 16-годишна возраст од Виница и едно на 14-годишна возраст од Кочани, како консумираат алкохолни пијалоци“,
се вели во полициското соопштение.
За случајот е известен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, а по негови насоки поради постоење сомнение за сторено кривично дело – точење алкохолни пијалаци на деца, од затекнатите малолетници, во присуство на родители или старател се земени изјави и материјал за анализи, а направено е и алкотестирање.
При вршењето контрола се нападнати и двајца полицајци.
„Од страна на У.М. од Виница, прво вербално, а потоа и физички се нападнати двајца полицајци, по што напаѓачот се дал во бегство. Се преземаат мерки за негово пронаоѓање“,
информираат од МВР.
Трудовиот инспекторат, пак, при контролата констатирал прекршоци во делот на нерегулирани работни односи на дел од вработените во угостителскиот објект.