Од Министерството за надворешни работи уште еднаш упатуваат апел да се избегнува туристичко или какво било друго патување во подрачјата во Грција зафатени од пожари. За повеќе информации, на располагање се СОС-телефонот на МНР: 075 273 732; и дежурните телефони на Амбасадата во Атина: +306944743071; и Генералниот конзулат во Солун: + 30 6987200410, велат од МНР
Тројца македонски државјани ја контактирале амбасадата на С Македонија во Атина, а во врска со пожарите кои ја зафатија Грција, информираа попладнево од Министерството за надворешни работи (МНР). Оттаму велат дека нашите државјани се наоѓаат на безбедно место, на островот Родос.

Во соопштението не се наведуваат детали за околностите во кои се нашле тројцата македонски државјани на островот Родос, на кој утрово повторно пламна огнената стихија.
„Во врска со пожарите кои ја зафатија Грција, информираме дека заклучно со денешниот ден, тројца државјани на Република Северна Македонија ја контактирале нашата Амбасада во Атина. Истите се наоѓаат на безбедно место, на грчкиот остров Родос“,
се наведува во соопштението од МНР.
Оттаму додаваат дека дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во Грција остануваат во постојана комуникација со надлежните институции на Грција.
Министерството за надворешни работи уште еднаш упатува апел да се избегнува туристичко или какво било друго патување во подрачјата во Грција зафатени од пожари.
„За повеќе информации, на располагање се СОС-телефонот на МНР 075/273-732 и дежурните телефони на Амбасадата во Атина +306944743071 и Генералниот конзулат во Солун + 30 6987200410“,
се наведува во соопштението.
Инаку, на Родос утрово повторно се разгоре жариштето во близина на селото Асклипио во југоисточниот дел на островот, а неофицијално огнените јазици се веќе стигнати до првите домови. Пораки за евакуација, според информациите што ги пренесе дописничката на МИА од Атина, се испратени до жителите на две села.
Пожари беснеат и на островот Крф, каде што во текот на ноќта биле евакуирани 17 села и околу 2 500 лица, кои се пренесени на безбедно.
Во евакуацијата од Крф во текот на ноќта помогнале силите на грчката полиција, на противпожарната служба на периферијата, како и на крајбрежната служба.