Како што јавуваат хрватските медиуми, меѓу 105-те уапсени хулигани има и тројца Грци. Станува збор за навивачи на грчки Панатинаикос кои, според полициски извори, ги воделе хрватските „Бед блу бојс“ до „Неа Филаделфија“, населбата во која се наоѓа стадионот на АЕК, пред кој се случи хаосот

фото: EPA-EFE/GEORGE VITSARAS
Медиумите во Грција дојдоа до нови детали од истрагата што се води против повеќе од 100 хулигани, од кои мнозинство се хрватски државјани, кои се одговорни за жестокиот конфликт во населбата „Неа Филадефија“ во Атина, јави „Дневник.хр“. Хулиганската пресметка резултираше со смрт на 29-годишниот Михалис Кацурис, навивач на грчкиот фудбалски клуб АЕК.
Три дена, од петок до недела, ќе траат рочиштата на кои секој од уапсените има право да ја изнесе својата одбрана. Тие ќе бидат водени во групи од 10 до 12 луѓе. Сите уапсени се обвинети за четири кривични дела и седум прекршоци.
Сè уште не се знае дали навивачката група на хрватскиот Динамо Загреб, „Бед блу бојс“, има адвокат, бидејќи тој што вчера даваше изјави за медиумите застапува само еден од тројцата уапсени Грци, навивачи на Панатинаикос.
Според полициски извори, досега сите уапсени хулигани од Хрватска изјавиле дека „Бед блу бојс“ не користат ножеви при тепачки и дека ништо не знаат за тоа.
Полицијата сè уште трага по убиецот, а од уапсените и натаму се земаат ДНК-примероци. Грчката полиција трага по уште 50-ина членови на „Бед блу бојс“, но тешко дека има многу навивачи на Динамо Загреб кои сè уште не се уапсени.

фото: EPA-EFE/ALEXANDER BELTES
Како што јавуваат хрватските медиуми, меѓу 105-те уапсени има и тројца Грци. Станува збор за навивачи на Панатинаикос кои, според полициски извори, ги воделе „Бед блу бојс“ до „Неа Филаделфија“, населбата во која се наоѓа стадионот на АЕК, пред кој се случи хаосот.
Тројцата биле нешто како локални водичи, го воделе хрватскиот конвој до местото на конфликтот, пишуваат грчките портали. Станува збор за 26-годишен маж и 27-годишна жена од блиското место Маруси и 22-годишен маж од „Неа Смирна“. Еден од нив претходно бил уапсен поради приклучување кон „криминална организација со навивачка позадина“.
Токму тука лежи големата опасност за уапсените „Бед блу бојс“. Последниве години во Грција е на сила закон според кој навивачи може да бидат обвинети за приклучување во криминална организација, а тоа може да биде случај и сега.
Грчките медиумите дознаа уште некои детали од истрагата, а еден од нив е дека при вештачењето е откриена дрвена летва долга 120 сантиметри и широка 10 сантиметри со шајки на неа. На шајките има и крв, па се истражува дали предметот има врска со убиениот.