Информациите ги собирале во периодот од август 2020 година до февруари 2023 година

Тројца бугарски државјани кои живееле во Велика Британија се прогласени за виновни бидејќи биле дел од руски шпионски синџир воден од Јан Марсалек, соопшти лондонската полиција. Катрин Иванова, Вања Габерова и Тихомир Иванчев се осудени за шпионажа бидејќи биле пониски членови на шестчлената група и биле вмешани во низа заговори низ Европа, режирани од бегалец со седиште во Москва, пренесува „Гардијан“.
Информациите ги собирале во периодот од август 2020 година до февруари 2023 година.
Според пишувањата, членовите на групата вршеле надзор над новинарите, особено на бугарскиот истражувачки новинар Кристо Грозев, кој ги разоткри шпионите одговорни за труењето на Сергеј и Јулија Скрипал. Синџирот шпионирал и украински војници кои се обучуваат во американската воена база во Германија, со цел да ги лоцираат кога ќе се вратат во Украина.
Двете жени биле во врска со Бизер Џамбазов (43), кој работел како доставувач на медицински материјали и ги водел операциите на теренот на шпионскиот синџир. Шпионската мрежа била предводена од Орлин Русев (46), поранешен банкар кој ја водел шпионската операција.
Според Обвинителството, Русев и Џамбазов се изјасниле за виновни за обвиненијата за шпионажа, додека другите тројца ги негирале обвиненијата. Шестообвинетиот Иван Стојанов (34) пред судењето признал дека шпионирал.
Шефот на одделот за борба против тероризмот, командантот Дом Марфи, како што пишува „Гардијан“, рекол дека „суштинските докази се добиени од телефонот на Русев“, како и со идентификување на други клучни уреди со кои се вратени 78 747 пораки на Телеграм кои биле меѓу Русев и Марсалек, а во кои се наведени шест главни заговори и други помали.
„Скај њуз“ пишува дека користеле „софистицирана методологија“, вклучувајќи напредна технологија и лажни идентитети, за да соберат информации и слики, кои потоа ги претвориле во детални извештаи и ги испратиле во Москва.
Една од задачите на шпионската мрежа била да собира информации за истакнати поединци кои биле од интерес за Русија.
Сите обвинети биле бугарски државјани со статус на редовен престој во Обединетото Кралство според правилата на ЕУ, по долги години живеење во земјата.
Казната на шестмината ќе им биде изречена во мај.
