Од Центарот за јавно здравје Штип за ТВ Телма изјавиле дека се земени примероци од храната за лабораториско испитување, како и брисеви од работните површини во сендвичарницата, а резултатите се очекуваат најдоцна до утре
Откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера соопшти дека е затворена киоск-сендвичарница во Штип поради можно труење со храна, од локалниот Центарот за јавно здравје денеска потврдија дека бројот на средношколци кои се пожалиле на симптоми на труење се зголемил на петнаесет.

Инаку, првично бројот на млади кои пројавиле вакви симптоми и за кои вчера информира Агенцијата за храна и ветеринарство изнесуваше пет лица.
Светлана Живкова, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Штип, за телевизија Телма изјавила дека се земени примероци од храната за лабораториско испитување, како и брисеви од работните површини во сендвичарницата. Резултатите, како што се наведува, се очекуваат најдоцна до утре и ќе бидат објавени од Институтот за јавно здравје.
Според Живкова, направено е и епидемиолошко анкетирање на сите пријавени лица.
„Извршена е едукација на вработените во однос на начинот на спремање, складирање и чување на храната, и тоа е спроведено на самото место. Дополнително се дадени предлог мерки и земени се брисеви од вработените. Направен е и вонреден санитарен преглед и земени мостри од храна за испитување“,
вели Живкова.
Таа додала дека денеска ќе се изврши и дезинфекција по биолошки индикации и механичко чистење на киоск-сендвичарницата.
Инаку, објектот е затворен и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Мајка на дете, кое пред три дена било примено на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница со симптоми на труење, изјавила дека детето симптомите ги добило откако консумирало сендвич со пилешки стек и компири, објави ТВ Телма.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информира дека привремено е затворена киоск-сендвичарница во Штип поради можно труење со храна. Екипи на АХВ во текот на саботата извршиле вонреден инспекциски надзор во објектот штом пет лица пројавиле симптоми на труење откако јаделе сендвичи со пилешки стек.
„Земени се примероци за лабораториско тестирање од инкриминираната храна и брисеви од работните површини, а сендвичарницата по наредба на инспекциските служби на АХВ е времено затворена сè до добивање резултати од лабораториските испитувања, со кои ќе се потврди нејзината безбедност“,
соопштија од АХВ.
Пријавата за случајот до АХВ, како што беше наведено, стигнала од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Штип.