„Сакам да ги демантирам шпекулациите дека ‘Брисел нè блокира, ќе бидат изгубени средствата итн’, што апсолутно не е точно. Напротив, нашата брза реакција како држава во делот на стопирање на сите постапки кои во моментов се во Платежната агенција во делот на ИПАРД-средствата е поздравено од Брисел“, изјави Трипуновски во синоќешното гостување во Дневникот на ТВ Сител
„Наместо да преземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати“, одговори Николовски во реакција на Фејсбук
Пратеникот на СДСМ во Собранието и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, и неговиот наследник во ресорот во актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, продолжуваат со меѓусебните препукувања и различни тврдења во врска со стопирањето на исплатите од ИПАРД-програмата.

Актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски, во синоќешното гостување во Дневникот на ТВ Сител ја повика опозицијата да не шпекулира, тврдејќи дека се стопирани само педесетина договори од ИПАРД-програмата, кои, како што кажа, се во фаза на реализација.
Николовски, пак, во реакција на социјалните мрежи го оцени како „нервозно“ телевизиското гостување на министерот за земјоделство, во кое, како што вели, наместо да понуди решенија, потврдил дека ИПАРД е суспендиран, притоа без да каже колкава е штетата, колку време ќе трае проверката за корупција и криминал. Тој уште еднаш го повика Трипуновски да понесе одговорност и да си поднесе оставка од функцијата.
За потсетување, стопирањето на исплатите на средствата дојде по апсењето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и уште четири лица за давање и примање поткуп. Прашањето што се отвори и за кое копјата повторно ги вкрстија власта и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) е кој ги стопирал средствата, односно дали одлуката е на Европската комисија или на институциите во земјава.
„Сакам да ги демантирам шпекулациите дека ‘Брисел нè блокира, ќе бидат изгубени средствата итн’, што апсолутно не е точно. Напротив, нашата брза реакција како држава во делот на стопирање на сите постапки кои во моментов се во Платежната агенција во делот на ИПАРД-средствата е поздравено од Брисел и ние во оваа проверка практично ќе провериме што се случувало внатре во Агенцијата“,
рече Трипуновски во интервјуто за Сител.
Тој ги повика земјоделците да бидат спокојни, тврдејќи дека Платежната агенција ќе продолжи со работа тековно. Според него, контролата се врши само во делот на реализацијата на програмата ИПАРД, а не и во делот на националните плаќања.
Истовремено, Трипуновски го обвини својот претходник во Министерството за земјоделство, Љупчо Николовски, за коруптивни дејствија додека бил на функцијата, за што повел и неколку постапки до Јавното обвинителството, но оттаму, како што кажа, немало никаква реакција.
„Ова го говорам затоа што јас како министер по влегувањето во Министерството преземав низа активности за проверка на неговото работење. Јас имам поведено неколку постапки во Јавното обвинителство коишто повеќе од година дена не се процесирани. Постапки за сериозни злоупотреби на буџетски средства, прекршени закони итн. Уште еднаш повикувам по допрен глас да преземат активности, да ги испитуваат овие случаи“,
рече министерот за земјоделство.
Од друга страна, пак, неговиот претходник на функцијата, Николовски, во реакцијата вели дека се блокирани 130 милиони евра европски пари, што требало да донесат над 3 000 нови бизниси и 10 000 нови вработувања.
Тој одговори и на обвинувањата на Трипуновски дека злоупотреби се правеле додека тој бил на чело на Министерството за земјоделство, наведувајќи дека актуелниот министер „зборува глупости и демагогии“.
„Наместо да преземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати – тој нападна над 4 000 нови мали производители, нови семејства кои денес живеат од сопствен труд. Програми што беа симбол на успех, а сега се цел на бесмислени критики“,
пишува Николовски во реакцијата на Фејсбук.
Николовски потсети дека тој и неговата партија дале конкретен предлог, односно план за деблокада на ИПАРД-програмата, но наместо да го прифати, министерот за земјоделство одлучил да обвинува без никакви докази.
„Но ќе бидам јасен, најмалку што треба да се случи е оставка на министерот Цветан Трипуновски. Впрочем истата ја бараат и земјоделците и синдикатите и здруженијата на земјоделци. Мојата борба не е против никого лично, туку за секој земјоделец кој денес чувствува дека е изневерен. Јас нудам помош и конкретни решенија. Истите ќе ги понудам на неговиот наследник, и на секој кој има капацитет и желба да мисли добро за државата“,
вели Николовски во реакцијата.
