„Кој вака го лизна Трајан Димковски да држи прес-конференции за криминал во Министерството за зејоделство, шумарство и водостопанство и да го обвинува ВМРО-ДПМНЕ“, праша во објава на Фејсбук, Цветан Трипуновски – претседател на републичката комисија на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„СДС е на власт шест години и е најодговорна за сиот криминал во државата. СДС е на власт шест години и без нивен амин не може да се спроведе ниту еден криминал. Владата на СДС е криминална влада, а за тоа стига потврда и од меѓународните претставници кои велат дека СДС има најслаба борба со корупцијата, а Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) за периодот од 2018 -2023 година води 18 истраги за можни злоупотреби на европските фондови во Македонија“,
вели Трипуновски.
Тој истакна дека ОЛАФ спровела четири истраги за злоупотреба на европските пари, од кои три се завршени со препораки, а четвртата е без епилог.
„Трајан треба да го повика Љупчо Николовски што констатирала ОЛАФ во овие 3 истраги? За тоа кој каков е најдобро ќе кажат граѓаните и земјоделците на изборите од кои СДС бега како ѓавол од крст. Да сте толку исправни како што се презентирате, ќе излезевте на избори и пред земјоделците ќе ја побаравте нивната поддршка. Но, знаете дека немате веќе никаква поддршка и дека сте прочитана книга. А, на Трајан би му препорачал да се скрие, да не се брука вака и да не го брани криминалот на СДС, бидејќи одговорност ќе следи за секој кој се огрешил пред законите“,
пишува тој.
Претходно денеска Трајан Димковски, претседател на Комисијата за земјодество, шумарство и водостопанство на СДСМ, на прес-конференција обвини дека за случајот со проектот од 2015 година за софтвер во Министерството за земјоделство вреден 660 000 евра, одговорноста е кај ВМРО-ДПМНЕ која тогаш била на власт.
Се работи за случајот за кој вчера министерот за земјоделство Љупчо Николовски информира дека Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите за проектот.
Минатата недела амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) отворила истраги и подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотреба на европски фондови.