Цело време детето беше со еден добар клинички тек, со пад на температура, со подобрување на општата состојба и по пет дена на одделението го пуштивме дома со даден совет за терапија, изолација и да се јават на контрола оваа недела, вели раководителката на Инфективното одделение при Клиничка болница во Штип, Дијана Шишкова-Гајдарџиска

Тринаесетмесечното дете од Свети Николе, кое е заразено со вирусот морбили, е во добра здравствена состојба и по поминати пет дена на Инфективното одделение минатиот петок е пуштено на домашно лекување. По пуштањето на детето во домашни услови дадени се препораки за изолација на целото семејство, изјави за МИА раководителката на Инфективното одделение при Клиничка болница во Штип, Дијана Шишкова-Гајдарџиска.
„Детето на 13-месечна возраст на Инфективното одделение е примено на 27 март, по конзилијарен преглед на одделението за Педијатрија, каде што престојувало еден ден. Имало покачена температура, појава на осип, изолирано во посебна соба, имало знаци и за друго вирусно заболување. Меѓутоа со проширувањето на осипот, со поставеното сомневање дека се работи за некое друго исипно заболување, кое е контигиезно и потреба од инфектолошки преглед и изолација на Инфективното одделение, повикан е инфектолог и после прегледот детето е префрлено на нашето одделение“,
појасни Шишкова-Гајдарџиска.
Таа посочи дека детето на одделението е префрлено со температура, лекувано е со симптоматска терапија и направени се соодветни испитувања во Штип и во Скопје, кои го потврдиле вирусот на морбили.
„Цело време беше со еден добар клинички тек, со пад на температура, со подобрување на општата состојба и по пет дена на одделението го пуштивме дома со даден совет за терапија, изолација и да се јават на контрола оваа недела“,
додаде Шишкова – Гајдарџиска.
Таа нагласи дека нема опасност за ширење на заразата меѓу здравствениот персонал на Инфективното одделение бидејќи сите се вакцинирани, а задолжително се носат заштитните маски. Засега не се знае од каде детето се заразило со морбили, но, како што вчера информира МИА, на ова веќе работат епидемиолозите.
Комисијата за заразни болести во 13 часот во Скопје ќе заседава на оваа тема и за мерките за заштитата.
Вчера директорката на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Штип, Марија Димитрова, рече дека нема место за паника за здравствениот персонал од Детско одделение, кој бил во контакт со 13-месечното дете. На целиот персонал, кој е вакциниран со две дози со вакцината МРП направени се анализи, а кај тројца кој немаат антитела вчера веќе им била извршена имунизација.
Лекари изминатиот период алармираа оти се заканува епидемија од морбили или меѓу народот позната како мали сипаници. Тогаш предупредија дека до епидемија ќе дојде поради понискиот процент на вакцинирани деца во споредба од пред три години, кога и беше прогласена епидемија со мали сипаници.