Едниот напад бил врз училиште во населбата Туфах, додека, пак, вториот врз шатор со бегалци во градот Кан Јунис во јужниот дел од палестинската енклава
Три жени, две деца и двајца локални новинари се дел од 13-те лица кои загинаа во денешните два одвоени напади на израелската армија врз цели во Појасот Газа.
Во првиот напад врз училиште, кое било претворено во засолниште, во населбата Туфах во источниот дел на Појасот Газа, загинале најмалку шест лица, додека, пак, во друг напад на ИДФ врз шатор со бегалци во градот Кан Јунис, во јужниот дел од окупираната палестинска енклава загинаа уште седум лица.
Израелската војска не одговори на барањето за коментар во врска со нападите, но израелските власти објавија дека во северниот дел на палестинската енклава денеска пристигнала првата пратка хуманитарна помош, по еднонеделна суспензија на испораките.
COGAT, израелското воено тело одговорно за хуманитарна помош за Појасот Газа, денеска објави дека единаесет камиони со хуманитарни материјали, храна, вода и медицинска опрема стигнале до северниот дел на палестинската енклава, вклучувајќи го и бегалскиот камп Џабалија.
Сепак, експертите на ОН предупредија дека постои голема веројатност наскоро да дојде до глад во северните делови на Појасот Газа.
Обединетите нации проценуваат дека десетици илјади луѓе сè уште се во областа, а претходно оваа недела палестинското министерство за здравство соопшти дека во моментов нема амбулантни возила или медицински тимови кои работат таму.