Според Министерството, осум лица, вработени во фабриката, се наоаѓаат на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани
Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани, како што информираа попладнево од Министерството за здравство, се во стабилна здравствена состојба.

Според Министерството, осум лица, вработени во фабриката, се наоаѓаат на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснењето на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарникарски единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Пожарот во фабриката, како што информира синоќа Центарот за управување со кризи, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112. Стихијата, според ЦУК, избувнала во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.