Премиерката Ардерн првично најавуваше дека ќе ја промени својата политика кога стапката на вакцинација во земјата ќе достигне 90 проценти, но на крајот се согласи да го забрза повторното отворање на градот Окленд со сегашната стапка на вакцинација од околу 83 проценти
На почетокот на декември, завршува тримесечниот карантин на најголемиот град во државата Окленд, а Нов Зеланд усвојува нова стратегија за борба против коронавирусот.
„Тешката вистина е дека делта сојот е таму и не е подготвен да исчезне. Иако ниту една земја не успеа целосно да го елиминира, Нов Зеланд е во подобра позиција од повеќето други да се справи со него.“
изјави премиерката Џасинда Ардерн.
Владата во Нов Зеланд досега се обидуваше целосно да го елиминира вирусот спроведувајќи ја политиката за нулта ковид која вклучува строги мерки за затворање на општеството, ригорозно следење на контактите и строга гранична контрола.
Новата стратегија за борба против ковид-19 е претставена како семафорски систем, односно кога ќе има зелено ниво тоа значи дека нема да има контроли на вирусот, портокаловата значи дека маската ќе се носи само на некои места а црвената дозволува продавниците да бидат отворени само за вакцинирани клиенти со неопходно почитување на физичка дистанца.
Премиерката рече дека Окленд прво ќе биде во црвената категорија, додавајќи дека властите сè уште ги рангираат другите зони. Строгите прописи за меѓународните пристигнувања остануваат на сила, рече Ардерн, најавувајќи дека ќе ги олесни на почетокот на следната година.
Ардерн првично најавуваше дека ќе ја промени својата политика кога стапката на вакцинација во земјата ќе достигне 90 проценти, но на крајот се согласи да го забрза повторното отворање на градот Окленд со сегашната стапка на вакцинација од околу 83 проценти.