Според пишувањата на Гардијан, не е јасно дали руските и украинските претставници ќе се сретнат лице в лице

Украина, Русија и САД денеска во Абу Даби треба да одржат трилатерална средба, што ќе биде првпат трите земји да седнат заедно по руската инвазија во 2022 година.
Средбата, како што пишува „Гардијан“, е потврдена денеска рано наутро по разговорите во Кремљ меѓу рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Дипломатскиот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков, им рече на новинарите дека тие разговори биле корисни во секој поглед и додаде дека е договорено првиот состанок на трилатералната работна група за безбедносни прашања да се одржи денес во Абу Даби.
Според пишувањата на „Гардијан“, не е јасно дали руските и украинските претставници ќе се сретнат лице в лице.
Вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека разговорите ќе траат два дена.
Киев објави дека ќе ги испрати главниот преговарач Рустем Умеров и началникот на кабинетот на Зеленски, Кирил Буданов, на преговорите. Москва објави дека рускиот тим ќе го предводи адмиралот Игор Костјуков.
Украинскиот претседател вчера во Давос рече дека документот за безбедносните гаранции од САД е подготвен, но нагласи дека територијалните прашања во војната со Русија сè уште не се решени.
Американскиот претседател Доналд Трамп по вчерашната средба со украинскиот лидер, која траеше околу еден час, рече дека имале добра дискусија, но не даде дополнителни детали за суштината на разговорот. Тој оцени дека средбата била добра, дека тоа е тековен процес и дека сите сакаат војната да заврши.
Трамп по оваа средба со Зеленски беше прашан каква е неговата порака за Путин на што одговори: „Војната мора да заврши“.
