Иницијативата на Петков објавена вчера на Фејсбук доаѓа во време на поделби во владејачката коалиција околу тоа што Бугарија може да направи за да ѝ помогне на Украина – дали со средства за заштита или со оружје и муниција. БСП, која се закани дека ќе ја напушти владејачката коалиција, се спротивстави на директната воена помош и таквиот предлог беше прифатен
Идејата на премиерот Кирил Петков Бугарите да донираат пари за оружје за Украина е најмонструозната глупост што сум ја слушнал, коментира на Фејсбук, Слави Трифонов, лидер на еден од коалициските партнери во бугарската влада, партијата „Има таков народ“, откако вчера Петков започна кампања на Фејсбук за собирање средства за Украина за тамошната Влада да ги користи за купување муниција во војната со Русија.
„Треба да се донираат пари за спасување животи, а не за купување оружје. Ова е оружје на државата, а не на обичните луѓе“,
рече Трифонов, кој е првиот партиски лидер од владината коалиција кој ја коментираше јавната кампања на Петков.
Во објава на Фејсбук вчера, Петков рече дека испраќањето воена помош за Украина бара политичко, но и општествено единство, со многу екстремни ставови на оваа тема.
„Го повикувам секој бугарски граѓанин кој навистина сака да ѝ помогне на Украина да ја донира платата како мене. Зборовите се лесни, работите се тешки, време е објавите на Фејсбук да станат средства за Украина. Државата е сите нас и секој мора да го чувствува дека може да биде дел од одлуката“,
напиша Петков завршувајќи го својот пост со хаштагот #onesalaryforukraine.
Иницијативата на Петков доаѓа во време на поделби во владејачката коалиција околу тоа што Бугарија може да направи за да ѝ помогне на Украина – дали со средства за заштита или со оружје и муниција. БСП, која се закани дека ќе ја напушти владејачката коалиција, се спротивстави на директната воена помош и таквиот предлог беше прифатен.