Лидерот на „Има таков народ“, партијата која освои најмногу гласови на повторените парламентарни избори во Бугарија, Слави Трифонов, не се согласува со одлуката на бугарската влада да испрати помош во Македонија за справување со пожарите.
Тој вели дека е добро што Бугарија ѝ помага на Македонија, но нагласува дека земјата нема доволно капацитети да се справи со пожарите дома.
„Прекрасно е да се биде солидарен, добар и да се помага. Но, јас мислам дека кога во исто време вашата куќа и куќата на вашиот сосед се во пламен не треба да одите и да ја гасите куќата на соседот”,
напиша лидерот на „Има таков народ“ на својот фејсбук-профил откако денеска Македонија објави кризна состојба поради шумски пожари.
Македонските власти веќе добија помош од членките на Европската Унија – Словенија, Шведска, Франција, Австрија и Бугарија, а надвор од Унијата тоа го стори и Србија.
„Одлично е што ѝ помагаме на Северна Македонија и така треба, но до што води ова? Кај нас нема доволно пожарникари и со пожарите треба да се справуваат службите за горско спасување“,
напиша лидерот на партијата.
Тој во својата објава на Фејсбук нагласи и дека во вчерашниот пожар во регионот на Благоевград загинале двајца службеници на горските служби и дека Бугарија нема авиони за гаснење пожари. Трифонов инсистира на тоа дека Бугарија мора веднаш да побара помош од Европската Унија.